На 79 годишна возраст во Прилеп почина познатиот новинар Тачко Локвенец, Тој беше познат новинар многу пошироко од неговиот град, мајстор на пишаниот збор, со свој разигран и препознатлив стил.
Локвенец работеше за весникот „Нова Македонија“, Радио Прилеп, „Народен глас“, го издаваше и својот весник „Порта”.
Посебен печат Локвенец остави во весникот „Нова Македонија“ за која долги години работеше како дописник од Прилеп, но често пати пишуваше и за теми од Македонија, Југославија и пошироко.
Читателите бездруго ја паметат неговата рубрика „Во Прилеп се зборува… и молчи” преку која, навлегувајќи во судбината на луѓето низ приказните од судницата, градеше слика на состојбите во државата на крајот од седумдесетите и почетокот од осумдесетите години.
Но, читателите го паметат и по безброј други текстови и репортажи, никаде не одеше без својот тефтер, од кој излегуваа неговите прилепски хроники. Напиша и голем број на анализи и коментари. Автор е и на повеќе книги, „Вест и власт“, „Љубовни легенди од Прилепската чаршија”, „Судница лудница”, „Дабница”, „Ние сме тука”,„60 години од почетокот до денес” и други.