По кратко и тешко боледување, на 70 годишна возраст во Скопје, почина Слободан Брацо Вујчиќ. Ќе остане запаметен како голем пријател на македонскиот спорт во кој беше присутен повеќе од две децении.
Долги години беше спонзор на фудбалскиот клуб Вардар, а подоцна финансираше и во Работнички, во Тетекс, во Македонија Ѓорче Петров, Слога Југомагнат, Цементарница, Победа, Локомотива, Борец, Еуромилк.
Во првите години по осамостојувањето на Македонија беше претставник на компаниите „УФА Медиа“, потоа и на „СВ-РСА“ и на „Спорт 5“ под чија капа беа ТВ правата на македонската фудбалска лига, македонските клубови и репрезентации. Ги обезбеди ТВ правата за првиот натпревар на Македонија против Словенија во Крањ во 1993 година. Ќе остане запаметен и како донатор на опремата на македонските претставници на Летните олимписки Игри во Атина во 2004 година.
Важеше за хуманитарец, добитник е на наградата „Мајка Тереза“, Македонија ја чувствуваше за своја втора татковина.