Правосудните органи денеска точно во 9.30 часот започнуваат да го пишуваат најтешкиот тест во поновата историја на Македонија, вистината за 63 млади животи и уште 200 со трајни последици од пламениот обрач нанижан со коруптивни алки повеќе од 13 години. Денеска, сите очи и уши се вперени кон тоа што ќе го кажат главните даватели на правдата во судницата во затворот „Идризово“.
Судницата во близина на затворот „Идризово“ е под засилени безбедносни протоколи, а семејствата на жртвите пристигнуваат за да ја слушнат вистината која ја чекаат девет месеци, при што правосудниот систем е исправен пред најтешкиот тест досега.
На правдата ѝ се обезбедени најсовремените услови за испорака, од простории за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и за јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоците, со можност за изобличување на сликата и на тонот, кабина за преведувачите, како и соодветен безбедносен и мониторинг- систем. Обвинетите ќе влезат од посебен влез. За безбедноста, освен судската полиција, ангажирани се и вработените во МВР, а ќе биде присутна и Брзата помош.
Особено внимание привлекува најавеното присуство на американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер, на денешното прво рочиште. Нејзиното присуство се толкува како поддршка за транспарентно, професионално и непристрасно водење на судската постапка, но и како силен сигнал за важноста на расчистувањето на еден случај кој ја потресе јавноста и го стави под прашање функционирањето на институционалните механизми.




