И покрај меѓународниот притисок, премиерот Педро Санчез внатрешно не губи политички поени. Според анкетите, иако 67 проценти од граѓаните го сметаат за „несигурен лидер“, мнозинството Шпанци се согласуваат дека земјата не треба драстично да ги зголеми воените трошоци.
Земјите на првата линија на фронтот кон Русија, кои најмногу трпат од хибридните напади врз Европа, сè повеќе се согласуваат со американскиот претседател Доналд Трамп: јужноевропските сојузници, особено Шпанија, не придонесуваат доволно за колективната безбедност на континентот.
Тие сметаат дека е неправедно што земји како Шпанија, со силен економски раст, не ја зголемиле поддршката ниту за Украина, ниту за сопствените одбранбени капацитети, пишува Политико.
Притисок од северот
„Се надеваме дека обврската на НАТО за алокација од 5 проценти ќе се забрза навистина брзо, бидејќи ни истекува времето“, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен, чиишто земја дели повеќе од 1.300 километри граница со Русија.
На самитот на НАТО во јуни, лидерите се согласија постепено да ги зголемат трошоците за одбрана и безбедност на пет проценти од БДП до 2035 година, во споредба со сегашната цел од два проценти. Сепак, некои северноевропски претставници сметаат дека оваа цел е „премногу мала и премногу бавна“, особено во услови на војната на Владимир Путин во Украина и зголемени инциденти со руски беспилотни летала и авиони над европскиот воздушен простор.
Трамп со остри критики кон Мадрид
Шпанскиот премиер Педро Санчез одби целосно да ја прифати новата цел за зголемување на воените трошоци, што предизвика остри реакции во Вашингтон.
„Мислам дека е неверојатно грубо,“ изјави претседателот Доналд Трамп. „И мислам дека треба да бидат казнети за тоа.“
Трамп дури се закани дека ќе воведе нови царини кон Шпанија како казна за „непослушната членка на НАТО“, што дополнително ги вжешти односите меѓу Мадрид и Вашингтон.
Според податоците од претходните години, Шпанија издвојува само 1,28 проценти од БДП за НАТО, што е најниско меѓу сите земји членки.
Незадоволство и во Европа
Критиките не доаѓаат само од САД. Во Шведска, најновата членка на Алијансата, се смета дека е време сите сојузници да ги исполнат своите обврски.
„Во Шпанија и меѓу другите сојузници постои свест дека сега е навистина време да се инвестира во одбраната,“ изјави шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон.
Сепак, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обиде да го смири спорот, нагласувајќи дека „секој сојузник придонесува колку што може во заедничкиот напор“.
Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес одговори:
„Никој не може да ја доведе во прашање посветеноста на Шпанија кон НАТО. Ние сме доверлив партнер веќе 40 години.“
Мали трошоци, голема економија
Според анализата на Институтот Кил, од јануари 2022 до август 2025 година, Шпанија издвојува само 790 милиони евра воена помош за Украина, вклучувајќи и тенкови и системи за воздушна одбрана.
За споредба: Германија донирала 17,7 милијарди евра, а Обединетото Кралство – 13,3 милијарди евра. Од медитеранските земји, Италија има дадено 1,7 милијарди, а Грција само 150 милиони евра.
Иако економијата на Шпанија бележи раст од 3,2% во 2024 година и се очекува 2,6% во 2025, нејзините воени трошоци остануваат минимални.
Политичка корист за Санчез
И покрај меѓународниот притисок, премиерот Педро Санчез внатрешно не губи политички поени. Според анкетите, иако 67 проценти од граѓаните го сметаат за „несигурен лидер“, мнозинството Шпанци се согласуваат дека земјата не треба драстично да ги зголеми воените трошоци.
Политикологот Пабло Симон од Универзитетот „Карлос III“ во Мадрид објаснува дека Шпанија историски има воздржан став кон воените интервенции.
„Ставот на Санчез е популарен бидејќи ја одразува претпазливата шпанска традиција во одбранбената политика. Доналд Трамп, пак, е непопуларна личност во Шпанија, па судирот со него дури му носи политички поени.“
Од левиот коалициски партнер Сумар остро се спротивставуваат на зголемување на воените трошоци, стравувајќи дека тоа би ја загрозило социјалната политика, додека десничарската опозиција не сака да го поддржи буџетот на владата.
Тензии, но и статус кво
Иако Европската комисија потсети дека трговијата со САД е „исклучива надлежност“ на Брисел и дека Вашингтон не може еднострано да воведува царини врз една членка, заканите на Трамп оставаат трага.
„Ќе одговориме соодветно на секоја мерка против една или повеќе земји-членки,“ изјави портпаролот Олоф Гил.
Во наредните денови, прашањето за поделбата на безбедносниот товар повторно ќе биде високо на агендата. Европските лидери се подготвуваат за самитот во Брисел на 23 октомври, каде ќе се разговара за нови модели на финансирање на помошта за Украина и зајакнување на европската одбранбена автономија.
Текстот е сопственост на Политико