Полицијата на автопатот кај клучката „Миравци“ синоќа нешто по полноќ уапсила скопјанец и арачиновец откако утврдила дека она што превезувале биле мигранти. Притоа полициски службеници од Полициска станица Богородица ги лишија од слобода М.Ј.(43) од Скопје и А.А.(26) од с.Арачиново, скопско.
„Имено, околу 00.10 часот при контрола во товарно моторно возило „ивеко“ со приколка, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ј., во кое и сопатник бил А.А., пронајдени се 87 лица мигранти. Од нив 45 од Сирија, 39 од Пакистан, двајца од Конго и едно од Индија, се наведува во соопштението од МВР.
Против М.Ј. и А.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, а по завршување на постапката лицата – мигранти ќе бидат спроведени во прифатно-транзитен центар.