Нашата политичка цел е Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија, зашто европски е да се помагаме и да не се кочиме , да соработуваме да градиме мир и стабилност, порача премиерот Димитар Ковачевски во говорот со кој го отвори самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид.
„ Од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили.
Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми.
Сите ние во Отворен Балкан сме уверени дека оваа иницијатива ќе станува сѐ поатрактивна.
Денеска заедно со нас се и премиерот на Црна Гора Абазовиќ и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Тегелтија. Поканата за премиерот на Косово, останува отворена. Јас сум убеден дека бенефитите од Отворен Балкан ги заслужуваат и дека ќе ги добијат и граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово и верувам дека овој самит ќе донесе позитивен пресврт кога е во прашање проширувањето на Отворен Балкан, изјави премиерот Ковачевски.
Тој истакна дека ова е време на големи предизвици и храбри одлуки кое бара и заедништво и заедничко помагање во интерес на нашите земји и народи. Ковачевски го истакна она што е досега направено во делот на зелените ленти за транспортерите чие движење низ регионот сега е побрзо иако може да е уште побрзо. Во тој дел тој ги најави и проектите што ќе бидат потпишани денеска а кои овозможуваат проширување на заедничкиот пазар на труд преку признавање на високообразовните дипломи и поголеми бенефити во туризмот и културата.
Вучиќ иницира формирање работни групи за храна и енергија за поподготвено дочекување на зимата
Српскиот претседател Александар Вучиќ во воведниот говор на самитот, претстави една идеја за формирање на работни групи за храна и енергија меѓу земјите членки на Отворен Балкан, но ги покани да учествуваат во тие работни групи и Црна Гора , Босна и Херцеговина и Косово со цел поедноставно да се справиме како што рече со недостатоците од прехрамбени производи и енергија што се најавуваат за претстојниот период.
„ Да ги забрзаме сите наши проекти, да гледаме и слушаме што бараат нашите граѓани. Денес не можевме да влеземе од голем број новинари. Тоа зборува за поддршката што оваа иницијатива ја има кај граѓаните и очекувањата од истата. Она што зависи од нас е како ќе живееме и кога и како ќе си помагаме со соседите , а она што не зависи од нас е кога и дали ЕУ ќе отвори преговори со нас. Имам амбиција и желба да направиме нешто големо овде, ова е незапирлива иницијатива а ако Црна Гора, Босна и Херцеговина и Приштина сакаат да се приклучат добредојдени се, ако не сакате никому ништо. Ова не е иницијатива каде земјите се тераат на сила да пристапуваат, потенцира претседателот на Србија Вучиќ во воведното обраќање.
Рама и порача на ЕУ дека Балканот нема да умре, уште помалку „Отворен Балкан“
Албанскиот премиер Еди Рама во нему познат стил со свадбата и невестата и зетот, побара од Северна Македонија да не се стресира премногу со тоа кога ЕУ ќе го отвори преговарачкиот процес, зашто тој стрес потоа влијаел и врз Албанија па и таа влегувала во иста фаза на стрес. Тој рече дека ЕУ е невестата а Албанија и Македонија се мажите кои ќе чекаат кога невестата ќе е подготвена за да се случи свадбата односно да почнат пристапните преговори. Тој рече дека Бугарија еден ден ќе ја остави оваа „кукла“ мислејќи на ембаргото кон Македонија, па дека потоа ќе фати некоја друга „кукла “ да си игра. Петков ќе биде дедо кога ние ќе ги завршиме преговорите и треба да сватат дека зборуваме за почеток на преговарачки процес кој е долг. Оттаму, порача Рама дека ние како земји треба да се трудиме да сме што поподготвени но не заради пристапот кон ЕУ туку подобри за нашите граѓани.
„Некогаш кога одев во Брисел одев за да земам охрабрување, сега ми се гледа дека јас треба да им дадам охрабрување. Балканот нема да умре а Отворениот Балкан уште повеќе нема да умре, порача Рама.
Тој сподели неколку бројки за трговската размена со која албанските земјоделци дупло од минатата година за периодот јануари април заработеле благодарение на иницијативата Отворен Балкан. Над 60 милиони евра бил износот на средствата што ги инкасирале годинава а во делот на туризмот споредбено со лани, приходот од Србија за периодот јануари-април бил поголем за 110 отсто а од Северна Мкаедонија за 60 отсто.
„ Со ова сакам да им порачам на оние кои шират дезинформации дека најголемиот бенефит од Отворен Балкан ќе имала Србија, но гледате дека не е така, изјави Рама.
И Ковачевски и Вучиќ и Рама потенцираа дека е ова автохтона иницијатива која е произлезена од самиот регион , со цел надминување на недоразбирањата и предрасудите а во интерес на заедништвото, стабилноста мирот и поголемиот економски прогрес.
Мирјана Трпческа