Прво беше Шелева. Потоа Димковска. Иако отсекогаш била проблемот писателката. Иако се почна со Димковска.
Професорката сега си направи сличен проблем како писателката. Со задоволство, би додала таа, претпоставувам.
Што направи проф. Елизабета Шелева: поднесе оставка од жири комисијата за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2016 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
“Поднесувам оставка поради тенденциозната одлука на мнозинството членови во комисијата, книгата „Црно на бело“ од Лидија Димковска да не биде вклучена во потесниот избор од пет дела”, образложи професорката.
Потоа дојде и пресудата на писателката Лидија Димковска: одби учество на Струшките вечери на поезијата после нивната покана поради оставката на Шелева.
“Сметам дека поканата од Ваша страна е апсурд над апсурдите и затоа не ја прифаќам”, напиша таа, подвлекувајќи ги последните зборови, пишувајќи ги со големи букви.
Еднаш веќе пишував за Димковска, тогаш кога повторно “Браќа Миладиновци”, библиотеката, мислеа дека и пресудуваат, давајќи и награда, па одземајќи и ја, за да ја покажат целата мизерија на партиските бригади на Фаренхајт 451. (https://novatv.mk/a-zoshto-bash-lidija-dimkovska-moralo-da-dobie-nagrada/)
Уморни сме сите, уморни се и тие, Димковска и Шелева. Сите сме веќе на крајот на патот, каде не дочекуваат само омразата, расколот и отровот и немаме каде да одиме.
На тој крај за кој говорам, на тој крај на патот многумина одамна се завршени во бездна, што по своја волја, што поттурнати, фрлени и затрупани, за да не останат трагови, за никој да не смее да проговори повеќе никогаш.
Следеше уште едно одбивање, веќе очекувано- актерката и активистка проф. Синоличка Трпкова одби учество во жири за избор на македонски филм на Оскар.
Сепак, морам да бидам прецизна кога говорам за тешките чекори на сите нас кога неволно правиме понекогаш се. Ниту Димковска, ниту Шелева, ниту пак Трпкова не ги има совладано уморот, иако сите некако, па дури и тие, понекогаш туркаме, едвај го чекаме денот да заврши, ноќта да се заборави, сиот овој бес кој се истура да се преброди, исфрлената омраза да се избегне, ако може, но би морало, за да се преживее после се.
За оние другите уметници
Но, би сакала сега да отворам едно прашање, дилема која ги тишти, или барем ги интригира за момент, некои уметници кои не можат да ја разберат потребата на уметникот да говори, да протестира, да маршира, да се бунтува и буни, тогаш кога не може да се преживее ако не се проговори за состојбите во сопствената земја- она што го прават малкумина писатели, уметници во оваа земја.
Некои уметници сметаат дека нивните дела, нивната уметност е скапоценоста која ја оставаат како наследство, дека таа им гарантира бесмртност, или барем на нивната книжевност.
Во нивните книги нема да сретнете ниту збор, некаква точка, најмалку извичник за страдањето, за неволјите, за тескобата во која живеат луѓето од земјата, која иронија, тие писатели ја нарекуваат своја.
Велат дека ја имаат само својата уметност, живеат за неа, умираат за неа, во ред, сосема во ред, тоа некако и го разбирам.
Живеат надвор од главите на овие луѓе тука, безбедно се успиваат, се покриле и се ушушкале со ќебињата, ги улулкала нивната сигурна база, нивната уметност ги тетоши, ги разгалува, им ја цица крвта, се пораѓаат и едвај одат заради болката која им ја предизвикува, во ред, сосема во ред, зошто да не, можеби ќе се обидам да разберам.
Ќе поминат така многу денови, години, делата на Димковска и на неколкумина кои го креваат гласот сиве овие години, но и на овие другиве уметници ќе преживеат.
Ќе мислат и таа и тие, особено тие, оние другите, таа сепак со резигнација и нешто разочараност, тие со многу повеќе радост и надеж, ќе мислат значи и тие и таа дека нешто од ова сега што ни се случува, ним што не ги заболува и неа што е прогонувана, дека се ќе проголта прашината, ќе исчезне, ќе испари како да не било никогаш, зошто воопшто било, кога се заборавило.
Но, што да се прави, архивите секогаш не паметат, ниту пак историјата гарантира некаков сигурен успех- тоа ќе мислат и тие и таа, тие со занес во очите, таа доволно уморна да не се расправа со нив.
Навистина ли мислите дека е така како што напишав, за архивите и историјата, дека никој не памти и дека ништо и не е важно кога се ќе заврши, кога нас нема да не има, како никогаш да не сме биле?
Ги прашувам сега нив, им се обраќам на уметниците, кои сега молчат и не проговорија ниту збор овие години, за оваа власт, за нивните луѓе, за нивните најблиски и најдалечни, во кои се колнат и на кои велат дека им ја посветуваат уметноста, речта, здивот и утробата.
Бре, бре- и крвават за сите несреќни, обесправени, преплашени и понижени, но ете, одбрале да не го кажат тоа, ниту во делата, ниту во јавноста, па дури ни дома, затоа што ако стојат по страна, ако не гледаат отстрана, а притоа не ја вклучуваат интроспекцијата, тие се исклучени, како од струја под висок напон, тие се некаде далеку на небото и одозгора гледаат се но не смеат да испуштат крик (добриот глас е во прашање), каде сиромашките музи се пресисани, уништени од земањето, никогаш немало давање, никогаш немало ништо всушност, ништо навистина вредно, но кој да им каже.
Хамсун и Грас сторија се за да паметиме
Знаете како, ништо не исчезнува од сеќавањето и покрај се, токму заради се. Тогаш кога Норвежаните ги запалија книгите на нобеловецот Кнут Хамсун, токму заради неговите фини односи со Хитлер, или тогаш кога уште еден нобеловец, Гинтер Грас, го објави своето учество во СС бригадите- се е документирано, запишано, запаметено и врежано во историјата на човештвото. Само за да не се повтори, да се знае и да се предупреди.
Димковска е голема писателка во секоја смисла на зборот, наспроти оние другите, “големите” писатели кои молчат за времето и земјата во која живеат, а не знаат дека уметноста не го простува тој молк, таа неподнослива тишина.
Тоа се оние другите кои се надеваат на заборав, еднакво како што некои од нас инсистираат да не веруваме во колективна историска амнезија.
Иако верувам дека понекогаш и Димковска е песимист, како и сите ние, потонати сме со неа во доволно разочараност дека големите дела и големите уметници, големите луѓе во оваа земја се забораваат, како никогаш да не биле, замислуваме фаталистички сценарија дека ќе бидат избришани во лажните и фалсификувани историски читанки и запалени од архивите.
Лажните пророци, да се послужам со зборовите на Конески, би не надгласале и би ни досудиле една безобразна и геноцидна реченица- а што ако и биле, кога се правиме да не биле.
Но, историјата ги демантира, им се обраќа со главоболка и не е расположена за премногу објаснувања, но секогаш наоѓа време сите да ги потсети: нема баш биде така како што се надеваат тие и вие стравувате, тој пат го поминаа веќе и Хамсун и Грас, заминаа обележани и напаѓани, што не е и ни лошо, во крајна линија, и тука подзастанува овој монолог, и со цинична насмевка додава- доколку не беа и презрени.
Но, презрени, тоа никогаш нема да можат да го заборават, дури ни сега, откако ги нема, но тоа е ужасно, тоа чувство кога се презрени иако биле сакани заради нивната уметност.
Таа уметност станува исто така презрена, некако смртна можеби. Така барем јас го читам Хамсун- тешко ми оди после се, а е еден од најдобрите што сум ги прочитала. Повторно, наново го читам како да ми се ближи крајот и секогаш се прашувам- зошто ваков писател ја фрлил уметноста и се запалил всушност самиот тој, со своето чкорче извадено од фиоката каде ги чува дрангулиите, зошто тој ги уништи своите ремек-дела и со тоа и вечноста за него.
Овој текст е посветен на еден голем уметник, за мене еден од најголемите што воопшто сме ги имале, кој би сакала да размисли добро, после се: “Кога ви редат ордени, мора да ја свиткате главата надолу”. Се надевам дека не е премногу доцна да се присети дека уметноста е се што мораме да имаме, за да преживееме.