Во спорниот вакумиран свински врат на Екстра меин не е најдена бактеријата листерија, покажа супер-анализата направена во лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина.
Анализите се правени на мостри кои се земени од истиот вакумиран свински во кој првично се покажа дека има присуство на опасната бактерија листерија, од која починаа четворица луѓе, меѓу кои и едно новоренче, а петмина заболеа.
Ова се документите до кои дојде НОВА а од кои се гледа дека во спорниот врат нема присуство на бактеријата листерија.
Супер-анализата е направена со акредитирана метода според ISO-11 290 -1. Со ова велат во компанијата Екстра меин, паѓаат во вода сите обвинувања дека свинскиот врат на Екстра меин пронајден во маркетите во Гевгелија е извор на опасната бактерија листерија моноцитогенес.