Претседателот на Венецуела во понеделникот изјави дека ќе протера тројца американски дипломати од својата земја за наводна вмешаност во дејствувања за дестабилизирање на неговата земја.
„Имаат 48 часа да ја напуштат земјата“, изјави претседателот Николас Мадуро на државната телевизија ВТВ.
-Бегајте од Венецуела, рече Мадуро, напоменувајќи листа со имиња. „Јенки, одете си дома. Доста е со вашите злоупотреби“.
Во неговата листа тој го потенцираше и името на Кели Кидерлинг, највисокиот американски дипломат во Венецуела.
„Ја видовме изјавата на Мадуро на телевизија, но сеуште не сме добиле официјално известување“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент. „Целосно ги отфрламе обвиненијата на владата на Венецуела за било каква теорија на заговор или дестабилизација на нивната влада“.
Мадуро ја обвини групата дипломати за средби со опозицијата на неговата влада, за финансирање на нивните активности и поттикнување на саботажа на електричниот систем и неговата економија.