Поради опасност од загрозување на безбедноста на нивните животи, МВР организира полициска придружба со која синоќа се дислоцирани припадниците на еврејската религиозна група „Лев Тахор“ од Куманово во Скопје.
„Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, целосно се со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, соопштија од МВР.
До дислокацијата е дојдено поради, растечката тенденција на говорот на омраза и закани на социјалните мрежи а поврзани со овие лица , и особено откако беше откриена куќата каде престојуваа во Куманово па истата беше гаѓана со јајца и камења, при што во опасност беше доведена безбедноста на нивните животи.
„Лев Тахор“ е ортодоксна религиозна група која брои околу 300 лица, веруваат дека единствен спасител е Бог кому му се молат постојано и кои не се врзуваат за постојано место на живеење туку живеат номадски. Тие пред да дојдат кај нас, биле во Босна и Херцеговина.
(М.Т.)