Министерството за здравство вчера доцна попладнето презеде донација од 250 илјади дози вакцини против Ковид-19 од производителот „Фајзер“ од италијанската Влада, што се реализира преку механизмот Ковакс и УНИЦЕФ. Во среда се очекува да пристигне и втората пратка.
Министерот за здравство Беким Сали се заблагодари за донацијата на Владата на Италија, а на граѓаните им порача дека Министерството за здравство во континуитет се грижи да имаме доволен број на вакцини.
– Министерството за здравство во континуитет се грижи за да имаме доволен број на вакцини. Вакцините се сигурни, безбедни и на сигурно место во Институтот за трансфузиологија, рече Сали по примопредавањето на донацијата пред Институтот за трансфузиологија.
Тој посака вакцинацијата да биде општоприфатена од страна на граѓаните затоа што, како што рече, единствениот начин за заштита против Ковид-19 во моментов е вакцинацијата.
Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри посочи дека се работи за најголема донација која една држава ја има подарено на Северна Македонија и се придружи на апелот на министерот Сали да се продолжи кампањата за вакцинација, посочувајќи дека благодарение на вакцините, Италија успеала да се справи со пандемијата.
– Во моментов, ние успеавме да вакцинираме околу, 85 до 95 проценти од населението, според соодветни категории, додаде амбасадорот Силвестри.
Артур Ајвазов од Канцеларијата на УНИЦЕФ се приклучи на амбасадорот и министерот со нивните пораки во апелот до населението да се вакцинира. Тој и порача на целата популација да се вакцинира, укажувајќи дека вакцините се безбедни.
Министерот Сали потенцира дека бројот на граѓани кои примиле прва доза на вакцина против Ковид-19 не е доволен, но уште понезадоволително е тоа што е многу мал бројот на оние кои примиле трета доза, која е најсигурниот штитник особено за пациентите со коморбидитети.
– Нашите првични анализи, кои не се финални, ни даваат до знаење дека третата доза е најсигурниот и најбезбедниот штитник. Апел до сите наши граѓани, ги молиме сите што имаат коморбидитети, што побрзо да се обратат кон сите вакциналните пунктови за да се заштитат, изјави Сали.
Институтот за јавно здравје преку извештај објавен вчера на неговата веб-страница им препорачува на трудниците да се вакцинираат против КОВИД-19.
– Потребно е да се знае дека бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат од КОВИД-19 (со последици) во споредба со останатите жени кои не се бремени, вакцинацијата може да заштити од тешки заболувања кои може да ги предизвика КОВИД-19 и се препорачува на жени кои планираат да забременат во иднина, се бремени или пак се доилки, бремените жени можат да примат бустер доза. Во моментов нема докази дека која било вакцина, вклучувајќи ја и вакцината против КОВИД-19, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина mRNA против КОВИД-19 непосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста).
Вакцинацијата за време на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето.
– Досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да и наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат КОВИД -19 акутни инфекции, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во претходното деноноќие, состојбата со ковид слична како и во претходните денови. Вчера беа регистрирани нови 690 случаи на Ковид-19 од 2.790 тестови или 24,7 отсто, починале 18 лица, а оздравеле 676 пациенти, информираше Министерството за здравство, повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје. Дополнително, преку „Мој термин“ се пријавени уште три лица кои починале во периодот од 3 до 5 февруари 2022 година.