Случајот со притворот на Зоран Верушевски одново фрли светло на проблемот со неоснованото држење во притвор на лицата кои се сомничат за кривични. Пред Верушевски, беа и новинарот Томислав Кежаровски, лекарот Дејан Ставриќ, но и многу други инволвирани во дела кои што ја добија етикетата „политички монтирани“, дотолку, што Кежаровски, Ставриќ и Љубе Бошковски, поглаварот на ПОА Јован Вранишковски се најдоа и во извештајот на Стејт Департментот за човекои права во графата „политички затвореници“.
Овие неколку случаи го имаа и го имаат целото внимание на јавноста. Но проблемот со злоупотребата на мерката притвор е далеку посериозен, а негови неброени жрти се веројатно илјадници „обични смртници“ кои не се дел од таканаречените политички судења. Таквите граѓани, но и оние инволвирани во спектакуларните ТВ апсења тужеле и добиле оштети пред Европскиот суд за човекови права.
Притворот како казна
Мерката притвор се злоупотребува како казнена мерка, ова повредна на човековите права се констатира во речиси сите извештаи на Народниот правобранител. Домашни и меѓунардони организации редовно апелираат за решавање на овие состојби, но институциите не препознаваат проблем. Во меѓувреме, Македонија во долга серија ги губи тужбите за неосновано држење во притвор и затвор пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
„Иако законот забранува арбитрарно приведување или лишување од слобода, проблеми имаше. Статистичките податоци на властите покажуваа дека обвинителите побарале налог за притворање во речиси 5 проценти од случаите. Активистите за граѓански права тврдеа дека судовите неселективно ги одобрувале речиси сите барања за притвор, без притоа да обезбедат соодветно образложение, како што налага законот.
Во поголем дел од предметите, судот се придржувал до законските процедури за притвор. Во мал број предмети кои добија голем интерест во јавноста, постоеше загриженост дека судовите не покажале доволна независност од обвинителството при одобрување на барањата за притвор пред и за време на судските процеси. Судовите понекогаш не даваа соодветно образложение за продолжување на притворот“, се вели во последниот Извештај за човекови права на Стејт Департмент за Македонија од 2015 година.
Анализата подготвена од ОБСЕ, пак, укажува дека во многу од решенијата за одредување на мерката притвор недостасуваат образложенија поткрепени со документирани докази дека лицето ги исполнува законските услови да му биде одреден притвор. Иако, според, анализата Здружението на судии уште во 2009 издало прирачник за судиите и обвинителите во кои што се даваат насоки кога и како да се одредува притворот, тој според фактичатка состојба не наоѓа широка примена помеѓу фелата.
„Европскиот суд за човекови права пронајде неколку повреди на правото на слобода во случаи каде што е изречена мерка притвор без конкретни и оправдани причини, и судиите прават напори за подобрување на образложението дадено во налозите и продолжувањата за предистражно притворање, но има простор за понатамошно подобрување“, се вели во анализата.
За четири години платени 4 милиони евра оштета за неправедно лишени од слобода
Невладината организација „Транспарентност Интернешнл-Македонија“ пред две години се обиде да истражи колку вакви случаи имало во Македонија, колку платила државата како оштета и колку луѓе биле фрлени во ќелија надвор од законите. Според бројките доставени од Кривичниот суд до кои организацијата дојде преку правото на слободен пристап до информации, во 2010, 2011, 2012 и 2013 вкупно 97 граѓани биле неосновано притворени или осудени.
Државата за овие случаи за оштети платила речиси 4 милиони евра, но важно е да се забележи дека овие податоци не ја претставуваат реалната состојба на бројот на граѓани кои се неосновано лишени од слобода бидејќи ова се само оние случаи во коишто лицата се решиле да тужат во Стразбур, процес кој подразбира потреба од пари, време и знаење.
Најголем дел од овие случаи кои државата ги загубила пред Судот во Стразбур се однесуваат на незаконски или неосновано притворени лица, а има и десетина случаи на незаконски и неосновано затворени, односно осудени.
Со новиот ЗКП од 2010 година се воведе нов облик на постапување и поинаква поделба на процесните функции помеѓу судот, обвинителството и одбраната. Растоварувајќи го судот од обврската да прибира и изведува докази, акцентот е ставен на неговата зајакната улога во
Кои недоследности ги воочија експертите
Судот не секогаш дава образложение за фактите и доказите од кои произлегува основаното сомневање за стореното кривично дело;
Јавниот обвинител само ги наведува, но не ги приложува доказите за секоја од основите за која предлага притвор;
Одбраната нема можност навреме да обезбеди и приложи докази за неоснованоста на предлогот за определување мерка притвор;
Судот не дава образложение од кои причини не определил друга поблага мерка од мерката притвор;
Донесување колективни решенија за определување мерка притвор;
Отсуство на одлука на судот каде ќе се извршува мерката притвор; Оцената на законитоста на лишувањето од слобода судот треба да ја заснива на службена белешка за лишување односно решение за задржување на лицето, а не на други писмена изготвени од страна на органи со истражни овластувања.
Образложението на решението за определување на мерката притвор не треба да се започне со наредба за спроведување истражна постапка.
Судот не треба во образложение на решението да наведува, оценува или коментира искази на обвинети лица дадени пред јавниот обвинител.
Во решенијата за продолжување на притворот судот е должен да даде образложение исто како и при првично определување на мерката притвор.
Во решенијата не смее да постои расчекор помеѓу диспозитивот и образложението;
Извадок од публикацијата „ПРИМЕНА НА МЕРКАТА ПРИТВОР СПОРЕД ЗАКОНОТ ЗА КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА ОД 2010 ГОДИНА“ изработена од ОБСЕ
Покрај критиките од страна на домашните и меѓународните организации за злоупотреба на мерката притвор и постоењето на политички затвореници, на земјава редовно и се забележува и за тортура и нечовечни услови во притворите и затворите.
Степенот на цивилизација во едно општество може да се измери ако се влезе во неговите затвори, Фјодор Достоевски