Француските власти синоќа приведоа едно лице, осомничен за наодамнешниот напад врз редакцијата на парискиот весник „Либерасион“, при што тешко беше повреден еден фоторепортер, соопшти Јавното обвинителство на Франција.
Според портпаролот на Обвинителство осомничениот „многу личел на напаѓачот“, а бил уапсен во северно преградие на Париз.
Францускиот министер за внатрешни работи Мануел Валс соопшти дека уапсениот е идентификуван како Абделхаким Дехар и дека и претходно бил осуден за вооружени напади.
– Сите факти ја докажуваат неговата инволвираност во нападите од последните денови, изјави синоќа Валс.
Според него, Дехар веројатно се обидел да се самоубие, бидејќи бил пронајден во полусознание во автомобил во една подземна гаража во преградието Боа Коломб.
Се претпоставува дека осомничениот е одговорен за уште три напади на различни места во францускиот главен град. Мотивите за инцидентите засега не се познати, а по нападот врз „Либерасион“ беа зајакнати безбедносните мерки околу медиумските згради, како и на најпознатата париска улица „Шан-з-Елизе“.