И покрај одлуката на властите во Хонгконг да ги повлечат полициските сили, продемократските протести продолжија и денеска.
Демонстрантите држат под блокада неколку клучни улици и шопинг центри со што се стопира сообраќајот во Хонг Конг. Како последица, неколку банки не работат, а десетици училишта се затворени.
Адиминстрацијата во Хонгконг која од самиот почеток ги осудува протестите, прогласувајќи ги за илегални утрово ги повика демонстрантите да се повлечат од улиците, но тие ги игнорираат апелите за смирување на тензиите за нормализација на животот во оваа територија.
Демонстрантите останаа преку ноќта на улиците од Хонг Конг, продолжувајќи да протестираат и осудувајќи го насилството на полицијата и на специјалните сили кои во текот на вчерашните судирања, употребија солзавец и пендрeци, за да ги растераат демонстрантите од улиците.
Во текот на судирите, демонстрантите се бранеа само со отворени чадори. Повеќе од 150 луѓе, најголем број студенти, досега се уапсени од страна на полицијата.
Протестите избувнаа откако властите во Пекинг најпрво ветија, а потоа не се согласија со изборни реформи во Хонг Конг, на изборите за локални власти.
Кина ветуваше дека за изборите во 2017 година, ќе може да има слободно номинирање на кандидати за раководните функција на оваа територија, на тлото на Кина. Властите во Пекинг сега тврдат дека за тоа „не може да има дискусија“ и инсистираат на постоењето посебен изборен комитет кој ги потврдува и одобрува кандидатите за кои треба да се гласа.
Приврзаниците на демократијата, меѓутоа, инсистираат на слободното номинирање, тврдејќи дека преку Комитетот, Кина само ги контролира изборите и директно определува кој може да биде биран за функционер во Хонг Конг.