Александар Прокопиев, еден од најпреведуваните македонски современи писатели со збирката раскази „Човечулец: бајки од левиот џеб“ , влезе во изборот за престижната меѓународна книжевна награда „Ангелус“.
Прокопиев е првиот македонски автор што се нашол во изборот за оваа награда, заедно со автори од 21 земја, во избор од четириесетина дела.
Наградата „Ангелус“ е средноевропска книжевна награда, која се доделува за најдобро прозно дело објавено во Полска.
– „Човечулец“ влезе во првиот круг, каде што се избираат 40 дела. Во јуни ќе се знаат 12-те избрани автори, додека добитникот на наградата ќе се обелодени во октомври годинава , вели Прокопиев.
Минатата година „Човечулец“ беше објавена и на полски јазик, во издание на издавачката куќа „Тоцзка“, а пред еден месец за ова книжевно дело стана добитник и на престижната регионална книжевна награда „Балканика“.