Со цел да се доближат ставовите меѓу Македонија и Грција, денеска во хотелот „Александар Палас“ на свечена презентација се претстави Здружението „Заедница на Грци ОБЕДИНЕТИ ЗА ПОДОБРА ИДНИНА Скопје“.
Здружението е основано во Скопје и е од хуманитарен, непрофитен, добротворен, неполитички и нерелигиозен карактер.
Идејата и иницијативата за основањето на здружението потекнува од група грчки граѓани кои живеат и работат во Скопје, со цел зацврстување на врските меѓу граѓаните на двете соседни држави.
Како што рече при своето обраќање претседателот на Здружението, Никос Фрагопулос, тие ќе се ангажираат на културен и општествен план.
– Веруваме дека здружението ќе може да придонесе да се зацврстат уште повеќе односите помеѓу граѓаните на двете земји. Има многу сличности и многу разлики меѓу нас и се надеваме дека нашето здружение може да придонесе кон подобро запознавање со различните култури, но и меѓусебно поврзување во позитивен и креативен дух, рече Фрагопулос.
На презентацијата присуствуваше и грчкиот амбасадор во земјава Харис Лалакос кој рече дека и покрај тоа што претходно немала грчка заедница во земјава, никогаш не е касно за тоа, и дека амбасадата ќе остане отворена да му асистира на здружението за разни активности и проекти.