Пред бугарското Народно собрание во Софија во моментот се одржува протест за поддршка на сменетиот спикер Никола Минчев и на владата на премиерот Кирил Петков.
Демонстрантите се децидни дека гласањето во Народното собрание на Бугарија е последица на дејствувањето на мафијата. Според нив, се појавува нова четирикратна коалиција, составена од ГЕРБ, Движењето за права и слободи, „Има таков народ“ и „Преродба“.
Сообраќајот на булеварот каде што се наоѓа зградата на бугарскиот парламент, беше блокиран пред луѓето одеднаш да тргнат кон самиот објект. Меѓу нив и Собранието е поставен полициски кордон. Внатре продолжи дебатата за ребаланс на буџетот, додека толпата скандира „Мафијата надвор“.
Демонстрантите бараат Никола Минчев да биде вратен за претседател на Народното собрание. Демонстрантите за поддршка на кабинетот на Минчев и Петков сметаат дека актуелната бугарска влада е единствената која во последните години започнала вистински промени во земјата.
Сменетиот претседател на Народното собрание на Бугарија, Никола Минчев отиде меѓу демонстрантите и им се заблагодари за поддршката. Покрај него, кај демонстрантите излегоа и министерот за електронска управа Божидар Бојанов како и неколкумина пратеници.