Вики Спит од Велика Британија, чиј партнер почина по вакцинација со „АстраЗенека“, е првото лице што доби отштета поради смрт предизвикана од вакцинирање.
„Спит доби максимална отштета во износ од 120.000 фунти, околу 140.000 евра. Но, за неа тоа не е доволно и надоместокот не е соодветен“, јави „Би-Би-Си“.
Таа, на 13 мај минатата година, повикала брза помош, откако на нејзиниот партнер му се влошила здравствената состојба поради „мачни“ главоболки. Шест дена подоцна, тој починал во болница во Њукасл.
Во неговата посмртница е наведено дека пациентот „починал по компликации од вакцина“.
Како што таа посочува, Зајон бил здрав, во добра физичка форма и би имал шанси да преживее, доколку лекувањето започнело порано.
Таа нагласи дека по неговата смрт, црниот дроб и бубрезите на Зајон се донирани и со тоа се спасени животите на три лица.
Џејмс Бел, партнер во специјализирана адвокатска канцеларија за спорови настанати поради медицинска негрижа, исто така смета дека британскиот систем за компензација не е доволно усогласен.