Некои новинари одлучија да ги напуштат провладините медиуми поради уредувачката политика со која не успеваат да се помират. Случајот «Пуч» можеби е шанса, според Снежана Трпевска, да дојдеме до пресвртна точка за да се консолидира новинарската заедница и вредностите кои денес доминираат во новинарската професија.
«Денес го прекинав мојот ангажман во Канал5», напиша во петокот вечер на Фејсбук Сузана Мицева, дописничка од Струмица на оваа телевизија. Оваа вест собра речиси 2.000 «лајкови» и над стотина коментари кои можат да се сумираат како «секоја чест Сузана».
Сузана Мицева
«Сите ние имаме свои причини кои не водат во животот, субјективни, објективни…
Моите се исклучиво лични. Одлука која не верував дека ќе треба да ја донесам, но ете, решив во дел од секунда и за првпат во животот знам дека постапив чесно. (…) Секој има свој револт, ова е мојот начин да го покажам. Првиот чекор. Нема логика да говорам и критикувам тука, ако токму овие денови, од Струмица, во совршена хармонична атмосфера ви зборувам за Карневал. Карневал, точно, има, ама во цела држава!!!»
Колешката Мицева не е единствена која одлучила да го сврти листот и да престане да работи за медиум кој не и наоѓа никаква маана на власта. Сепак, ваквите примери во Македонија засега се исклучително ретки.
Колешката Јасминка Аневска одлучи да ја напушти Алфа Телевизија пред извесно време и да премине во ТВ Телма која не е омилена кај нашата власт.
«Понудата да преминам во Телма дојде во момент кога сериозно размислував да си заминам од медиумите и дури и почнав да преговарам со компанија од друг сектор. Но, ете пак одлучив да останам во новинарството и да си дадам уште една шанса и покрај разочарувањето што го доживеав од новинарите, од уредниците, сопствениците, од реакциите на јавноста на скандалите кои се откриваа низ годините..Сега гледам дека зад сето тоа дефинитивно стоеле гласовите кои првпат ги слушнавме на овие снимки. Се друго е само извршување», вели Аневска за НОВА.
На прашањето дали имала притисоци во ТВ Алфа кои ја натерале да замине таа вели: «Никој не ме присилил да напишам или потпишам нешто со што не се согласувам. Тоа изгледа се прави таму каде ќе проценат дека има простор и волја за ,,соработка”. Каде што нема простор – има друг вид притисоци, не им даваат задачи, им го стеснуваат просторот, им укинуваат емисии и на крај им се кажува дека не се добри работници и треба да си одат.»
Убавка Јаневска која 6 години беше дописник за Канал 5 од Велес и повардарието до Гевгелија, во јануари ја напушти телевизијата. На својот ФБ профил таа ги извести своите пријатели дека нема да ја гледаат на Канал 5, но продолжува да работи како дописник за радио Канал 77 и порталот „Дума.мк“. Јаневска пред тоа беше дописник и за А1 Телевизија од Велес, како и за дневниот весник „Вест“.
Убавка Јаневска додека работеше за Канал 5
Деновиве видовме дека Снежана Лупевска ја напушти исто така Канал 5 и својата позната емисија “Код” ја премести во ТВ Телма. Ивана Костовска даде оставка од своето уредничко место од сајтот Телеграф кој е дел на Медиа Принт Македонија. Нејзиниот потег го поздрави и Здружението на новинари:
“Постапката на уредничката Костовска е храбар чин и во духот на етичките и професионални стандарди на новинарската професија за што ние силно ја поддржуваме и се солидаризираме. Ова е начинот на кој уредниците треба да се справуваат со притисоците кога сопствениците на медиумите се обидуваат да кројат уредувачка политика“.
Најголемиот број новинари сепак остануваат во медиумите кои се воодушевени од власта во Македонија. Некои од нив велат дека не им е лесно. Во приватни пораки се жалат на сето она што го набројува Аневска во своето сведочење: дека не им се даваат задачи, дека им се укинуваат емисиите, дека им се менуваат текстовите во печатените медиуми, дека им се става на знаење дека не работат добро.
Снежана Трпевска
Снежана Трпевска, од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, смета дека треба објективно да се набљудува реалноста:
“Новинарите кои се вработени во режимските медиуми, како и сите други луѓе, се плашат за својата позиција и за својата иднина, или пак имаат конкретни интереси. Дел од нив веројатно знаат кои се вистинските професионални вредности, но под притисок на секојдневието и реалните односи на моќ постепено ја губат вербата во професијата и се вклопуваат во режимски контролираните редакции.”
Според Трпевска меѓу новинарите кои работат во провладините медиуми доминираат страв и конформизам а професионалните вредности и етиката се едноставено ставени на страна:
“Дали ќе се откаже некој новинар да работи во вакви услови е прашање на неговиот личен интегритет – дали нему лично му е поважно да има сигурна плата и работно место, од тоа што за него како новинар ќе мислат колегите од професијата или публиката. Ова, се разбира, не е случај со уредниците, кои ја имаат најголемата одоворност за ситуацијата и кои се на тие позиции според своја воља и определба”, вели Трпевска.
Случајот “Пуч” треба да биде пресвртна точка за да се консолидира новинарската заедница, смета Трпевска. И додава дека е сигурна дека “после овие настани во новинарската заедница ќе дојде до подлабоки дебати за вредностите кои денес доминираат во новинарската професија. Верувам дека многу од новинарите, па дури и од уредниците, во провладините медиуми се свесни за тоа дека одамна не работат за јавноста, туку за оние кои ги плаќаат. Затоа, јас на овој момент гледам како на шанса за некаква консолидација или на збивање на редовите во новинарската фела.”