Поранешниот службеник на тајните служби на САД, Едвард Сноуден се наоѓа во Москва, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој изрази надеж дека поради овој случај нема да страдаат руско-американските односи.
Едвард Сноуден се наоѓа во транзитниот дел на московскиот аеродром „Шереметјево“, изјавил Путин на прес-конференција во финскиот град Хелсинки пренесува новинската агенција Интерфакс.
-Се надевам дека случајот нема да ги наруши односите меѓу Русија и САД. Колку побрзо Сноуден ќе ја избере целта кон која ќе патува, толку подобро за него и за Русија изјави Путин.
Според Путин руските тајни служби не соработувале со Сноуден.
Претходно во јавноста се проширија информации дека Сноуден сака да патува преку Куба кон Еквадор каде што побара политички азил.
САД ги обвинија Кина и Русија за поддршка на поранешниот соработник на американската Национална служба за безбедност кој е обвинет за разоткривање на тајните програми за надзор на јавните комуникации од страна на владата во Вашингтон.