Емел Рамковска во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 зборуваше за случајот со А1 телевизија, намерата на тогашната влада по секоја цена да ја затвори телевизијата, за деновите поминати во затвор и очекувањата за реформите во судството, а со тоа и правдата да излезе на виделина. Вели дека за правда во Македонија ќе треба уште време.
-Јас сум 2016 година излезена од затворот Идризово, сега сме 2020 и јас сѐ уште чекам правда. Јас чекам право, барам да ми се суди повторно, за мене ова се уште не е минато свршено време. Сегашноста ми е мене тешка на еден друг начин“, посочува Рамковска.
-Од дента на победата на СДСМ на избори, ние слушаме дека ќе има реформи во правосудството. Сега веќе не гледам причини зошто правдата да не дојде, претходниве години имаше разно политчки причини. Така себеси си овозможувам да верувам. На моменти ќе се сетам на својата наивност кога излегов од Идризово во 2016 и верував дека одеднаш се ќе исчезне, сите последици од режимот. Но, ќе ни треба време, можеби уште десетина година. Време е, мислам дека без правда за нас не може да има реформа, вели Рамковска.
Рамковска посочи дека од аудио „бомбите“ се слуша како тогашната Влада прави се, само за да ја затвори А1 телевизија.
Порака од Груевски промени се
„Тие фактички прават се, како да ја затворат А1 телевизија. Ние тоа го гледаме од тие разговори. Тие разговараат без пари, гледаат како да не наплатат од нас пари, гледаат како да не наплатат некој долг за којшто тврдат дека го има“, вели Рамковска и додаде дека тие наоѓале пари за да го исплатат долгот, но една порака од екс премиерот Никола Груевски променила се.
„Ние правевме обиди за да ги исплатиме, ги најдовме парите, се додека не стигнавме кај цифрата 9. Ние имавме пријатели, партнери, бизнисмени со кои комунициравме, тие беа спремни и со 9 да ни помогнат. На еден од нашите блиски, му пристигна порака од Никола Груевски да се тргне, со каков речник, на кој начин и со кој зборови јас не сум сигурна, но човекот се повлече. Тука веќе ги исцрпивме ние можностите да најдеме било каква сума, затоа што веќе беше јасно“, изјави Рамковска.
Таа додава дека кога виделе дека тие ги наоѓаат парите, на крај кажале стоп.
Додека бев во затвор на моето дете моравме да му кажуваме дека сум на пат
Рамковска во „Клик Плус“ зборуваше и за тоа како изгледа мајчинството од затвор и потешкотиите низ кои поминувала. Вели дека на детето морале да му кажуваат разни формулации за тоа каде е мајка му.