Судскиот совет денеска ја разреши судијката Софија Лаличиќ од Основниот Кривичен суд во Скопје.
Лаличиќ се спомнуваше во една од „бомбите“ што ги објавуваше СДСМ од нелегалното масовно прислушување. Поточно, тогаш опозицискиот СДСМ објави снимка од нејзин разговор со некогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на прес-конференција посветена на состојбите во судството. Во овој разговор се спомнуваше и поранешната претседателка на Основниот суд Скопје 1, Лидија Неделкова, која неодамна, исто така, беше разрешена од врховна судијка.Претставката за утврдување одговорност на Неделкова ја поднесе поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој во меѓувреме, исто така, беше разрешен од судија. Поради злоупотреби на АКМИС, беше разрешена и Татјана Михајловска, која едно време беше претседателка на скопска „единица“, а за истата злоупотреба се води кривична постапка и против Владимир Панчевски, поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд.
Одлуката за Лаличиќ била донесена со 11 гласа „за“ и два „против“.