„Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија“, пиша поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник, Михаел Рот.
Рот ја поздрави денешната средба на премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје.
Тој на својот Твитер профил објави дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и „да признае македонското малцинство во Бугарија“.
„Многу е добро што се среќаваат новите премиери на Бугарија и на Северна Македонија. Како што Северна Македонија признава бугарско малцинство, конечно Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија. Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја“, објави Рот на Твитер.
Михаел Рот беше државен министер за Европа од 2013 до 2021 година во владите на германската канцеларка Ангела Меркел.