Околу 14 отсто од вработените во земјите од Западен Балкан се во секторот туризам, а регионот минатата година го посетиле повеќе од 12 милиони туристи, соопштија денеска од Регионалниот совет за соработка, на собирот на туристички агенции и тур оператори од регионот, што се одржа во Белград.
Состанокот го организираше РСС во рамките на проектот за развој и промоција на туризмот што е финансиран од Европската унија, а конкретна тема беше планирање на најодржливите тури долж двете нови културолошки туристички рути на Западен Балкан.
Првата е наречена „Раскрсница на цивилизациите“ и ги опфаќа локалитетите и местата на заедничко културно наследство од грчкиот, римскиот, византискиот, османлискиот и австроунгарскиот период. Втората рута е наречена „Пат на монументалните споменици на Балканот“ и се потпира на футуристичката уметност и дизајн на спомениците посветени на Втората свестка војна во целиот регион. За секоја од овие рути од РСС во нивниот концепт се означени околу 40 дестинации.
-Освен телата што управуваат со локалитетите од културното наследство кои се јавни институции, сите други даватели на услугите доаѓаат од приватниот сектор од кој што живеат 14 отсто од вработените на Западен Балкан, истакна Снежана Дервишкадиќ, лидер на проектниот тим за развој и промоција на туризмот при РСС.
Проектот со европски пари има крајна цел подготовка и меѓународна промоција на заедничка регионална понуда на културолошки и авантуристички туризам со цел зголемување на бројот на туристите и приходите во оваа стопанска гранка.

