Автор: Борис Камчев
Во една своја полноќна емисија на руската централна телевизија што се емитуваше на почетокот на 2000-те, Владимир Познер, познато советско и пост-советско ТВ лице, искусен новинар, писател и патеписец, вака ја опиша руската демократија:
„Во една интересна игра на зборови, терминот демо-кратија Русите го замениле со дермо-кратија“. Подоцна Познер се дообјасни: „Знаеме што означува зборот дермо (гомно, преведено од руски). Во првите денови од нејзината примена во Русија, демократијата стана, пардон на изразот, гомнократија. Во деведесеттите Русите гледаа како многумина стануваат супер богати на нечесен начин, додека мнозиството изгуби речиси сѐ. Дали така требаше да изгледа демократијата? Масите кажаа не, ние тоа не го сакаме“.
Деценија и пол подоцна во Русија се нема речиси ништо изменето. Излезноста на гласачите на последните парламентарни избори што се одржаа во неделата беше на многу ниско ниво од 46 отсто. Опозицијата смета дека околу 11 отсто од гласовите се фалсификувани во полза на владејачката Единствена Русија, па таа бројка се спушта до рекордно ниските 35 отсто излезност.
Думата непроменета
Думата останува непроменета со истите партии, владејачката зајакната со неколку мандати повеќе. Но, без разлика на тоа кај кого отишла мизерната една третина од гласовите на 110 милионското гласачко тело, со својата аполитичност масите во Русија навистина покажаа дека за нив демократија не постои.
Се разбира, за ова не треба да се обвинува само народот, чија апатичност и желба за бојкот се запечатени во самопонижувачката мантра „мојот глас е безначаен, кој сум јас да можам нешто да променам“. Заслугата за општата незаинтересираност за избори треба да се бара и кај власта. Власта посакуваше вакво сценарио – со помала излезност шансите за влез на либералната опозиција во Думата се сосема мали. Како прво, претходната Дума донесе закон со што го презакажа гласањето од ноември, традиционален шпиц месец во Русија пред новогодишните празници, во заспаниот септември, кога многумина Руси од провинцијата се трезнат од хедонизмот на летото, а оние од урбаните центри сеуште користат летни одмори или се по дачите.
Второ, политтехнолозите во Кремљ, на чело со Вјачеслав Володин (заменик-шефот на администрацијата на Путин, го сметаат за главен креатор на изборниот резултат), добро се погрижија да го скријат фактот пред обичниот граѓанин дека наскоро се спремаат избори. На државните телевизии царуваше тотално игнорирање дека постои некаква кампања, настрана интензитетот на дебати на носителите на листите што се одржуваа во доцните вечерни августовски часови, но кој ги гледаше кога во август сите се заминати на одмор. Националните телевизии малку пренесуваа од ретките изборни каравани на владината Единствена Русија, а уште помалку од собирите на комунистити или пак, не дај Боже, од оние на опозициските Парнас или Јаблоко. Имаше и други финеси како дислоцирање на гласачките места и дезинформација за нивната вистинска адреса па многу гласачи, главно пензионери , талкаа и останаа извисени. И секако, на денот на гласањето се употребија познатите техники полнење на кутии и бугарски воз.
После стресните избори за Думата во 2011 кога излезноста беше над 60 отсто и кога беа регистрирани масовни изборни измами, кои ја подигнаа тензијата што беше увертира во масовните протести тоа зимо и пролетта 2012, вакво сценарио за конституирање на седмата Дума беше најпосакувано од власта.
Испуштена шанса
Ова оди во континуитет со путинскиот општествен договор кој вели: Обезбедена сигурност и економска стабилност за народот во замена за немешање во политика.
Арно ама, можеби улиците по големите руски градови се релативно безбедни, но на економски план земјата тоне. Опозицијата играше на оваа карта и затоа сега, сумирајќи ги резултатите од упропастената можност да издејствува промени, се чеша таму кај што не ја чеша и неможе да разбере зошто толку мала излезност.
Навистина, се пружаше извонредна можност за првпат после 13 години, демократскиот мастадонт од Јаблоко, Григориј Јавлински, или бившиот премиер, реформаторот Михаил Касјанов, да влезат во Думата – овие избори беа релативно многу послободни и подемократски од оние во 2011. Изборниот модел беше подедаково поделен на пропорционален и мнозински, за разлика од 2011 кога беше чисто пропорционален. Изборниот праг за влез во Думата беше намален од 7 на 5 отсто од гласовите, а влез во трката добија многу повеќе партии, вкупно 14, додека во 2011 право на учество имаа само седум.
Па нели лошата економија, инфлацијата, падот на животниот стандарт, замрзнатите плати, не беа доволен стимул избирачите да појдат масовно на избори и да ја казнат власта? Егзистенцијата на народот е ултимативно прашање, sine qua non за опстојбата на секоја партиа на власт во многу европски земји. Постои ли економски развој, власта добива нов мандат, ако развојот отсуствува и народот осиромашува, власта се менува. Но во Русија егзистенцијата отсекогаш била културолошки а не органски фактор во напрегнатите општествени односи (воопшто не е прашање за физичко постоење), чии корени се во бившиот Советски Сојуз.
Цивилизацискиот развој отфрлен
Русите биле под власт на болшевизмот многу подолго од кој било друг народ во Европа. Во Украина, посебно западниот дел на земјата, болшевиците пристигнале дваесеттина години подоцна од неговото извориште во центарот Москва што започна во 1917. Советизацијата на општествата во источна Европа пак, е воспоставена после 1945. А она што знаеме за болшевизмот во постцарска Русија е тоа дека реализацијата на тој процес била беспоштедна, многу понасилна и народот бил со децении ставан до крајни граници на издржливост за разлика од останатите земји. Епидемиите на глад во 1920-те и 1930-те, кога загинале милиони, црвениот терор во 1936-1946 кога се убиени десетина милиони, култот на личноста кон Сталин, истребувањето на интелигенцијата и политичката елита. Или како што има кажано Бродски, не само што физички го десеткувале рускиот народ, туку со цензурата и предвремената смрт на такви блескави умови како литературниот бард Андреј Платонов или сликарот Павел Филонов, болшевците го имаат буквално запрено развојот на руската национална свест.
Демократските традиции одат правопропорциналнно со историските процеси на развој на капитализмот и хуманизмот во многу западни земји, Франција, Германија или Велика Британија се некои од демократските светилници во Европа, а САД во Америка. Колку подолг капиталистички развој и слободен пазар, толку подлабоко вкоренет сенс за демократија кај локалното население.
Русија – Македонија на стероиди
Русија, во суштина, е Македонија на стероиди. И таму како и кај нас модерниот капитализам се практикува веќе две и пол децении, по инерција и според закоравената школа на ортодоксниот марксизам за првична акумулација на капиталот. Со еден историски блип за Русија откако Ленин во 1921 ја воведе НЕП – новата економска политика, за да ја запре високата смртноста кај населението од изгладнетост; и за Македонија, со развојот на еснафите во приближно истата епоха. Но општо гледано, двете земји прескокнале еден важен составен дел од светскиот историски развој и директно од феудализам преминале во комунизам.
Тој вештачки историски земјотрес го отфрли со десетлетија назад цивилизацискиот развој на Македонија и всушност е предуслов за секое идно повампирување на авторитаризмот во земјата. Неслучајни се десетте години автократска власт на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски. Исто како што неслучајни се десетиците години диктатура во путинска Русија.
Последните избори во Русија се покажаа како еталон за антидемократија. Пример за тоа како не треба да избира еден народ обременет со тешки историски трауми и под инфузија на тотална државна пропаганда за ширење на апатичност, аполитичност и инфантилност – утрото по изборите на националната Росија 1, со часови одеше емисија за зоологија, здравје и алтернативна медицина и повиканите гости со очи покриени со дланки презентираа масирање на главата.
Да им покажеме дека не сме гомнократија и дека можеме да организираме демократски избори со огромна излезност каде се гласа за промени.