Московскиот суд ја казни Википедиа со 88.000 американски долари (пет милиони рубли), затоа што одби да го отстрани од написите на руски јазик она што Русија го смета за дезинформација. Меѓу нив се „Руската инвазија на Украина“, „Воени злосторства за време на руската инвазија на Украина“ и „Масакрот во Буча“.
Википедиа поднесе жалба на судската одлука со која се бара отстранување на информации поврзани со руската инвазија на Украина.
„Оваа одлука имплицира дека оригиналните, проверени информации на Википедиа кои не се во согласност со ставот на руската влада се дезинформации“, рече Стивен ЛаПорте, помошник главен советник во Фондацијата Викимедија, пренесува „Скај њуз“.
Википедиа, најстариот и најголем проект на Викимедиа, е еден од ретките преостанати главни извори на информации на руски јазик за Русите по затворањето на многу медиуми во Москва.