Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) издаде дозвола за итно одобрување на тест за ковид-19 кој се прави преку здив, јави агенцијата ДПА.
„Уредот, отприлика, е со големина на рачен куфер“, соопшти денеска ФДА и додаде дека „корисниците дуваат во цевка, како да дуваат балон“.
Тестот „InspectOR COVID-19 Breathalyzer“ ги дава резултатите за помалку од три минути, врз основа на хемиска анализа и може да се користи во ординациите на лекарите или во болниците. Тестот треба да го врши квалификувано, обучено лице под надзор на здравствен работник лиценциран или овластен со државниот закон за издавање тестови.
Уредот може точно да ги идентификува позитивните со ковид-19 во 91 отсто од случаите, а негативните ги дијагностира точно во 99 отсто од случаите. При тестирањето биле опфатени луѓе кои биле со симптоми, но и асимптоматски.
„Тестот покажа слична чувствителност во последователна клиничка студија фокусирана на варијантата Омикрон“, се вели во соопштението на ФДА.
Постојните тестови се прават со брис од носот или грлото.