Дваесет и седум лидери на ЕУ денеска одржуваат самит во Брисел посветен на ситуацијата по британскиот референдум за излез на земјата од Унијата.
На деневен ред на Европскиот совет се политичките и практичните импликации на глaсањето на Британија за напуштање на Унијата и иднината на ЕУ со 27 емји членки.
На самитот присуствува и британскиот премиер во оставка Дејвид Камерон.
Тој вчера изјави дека жали за исходот од референдумот во Британија, но не дека и бил одржан, бидејќи според него тоа бил исправен потег. Додаде дека се надева оти Британија ќе остане во што потесни економски и политички врски со Унијата.
– Британија ќе ја напушти ЕУ но нема да и го сврти грбот на Европа, изјави Камерон на прес конференција по работата вечера на која како што рече многумина изразиле жалење за одлуката на Лондон, но и пријателство за неговата земја.
Камерон рече дека на Самитот истакнал дека најголемо влијание врз Британците за да донесат ваква одлука не била економската состојба, туку голема загриженост за прашањата околу суверенитетот, за што според него Унијата треба да размисли.
Германската канцеларка Ангела Меркел истовремено ја предупреди Британија да нема илузии за животот надвор од ЕУ, искажувајќи прилично тврд став пред денешната прва средба на британскиот премиер со ЕУ лидерите по Брегзит.
Меркел рече дека Британија не може да очекува привилегиран третман откако ќе ја напушти Унијата и дека ќе има формални разговори за договарање на односите со Лондон пред да биде поднесено официјално барање за излез.