Од 123 маички со натпис „Слобода за Кежо“, кои иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Кежаровски во саботата им ги достави на парламентарците, ги облекоа само опозиционерите – Јани Макрадули, Цветанка Ивановска, Менде Диневски, Сафет Бишевац…
Од Одборот упатија апел до сите пратеници, независно на која партија ѝ припаѓаат да ги носат маичките за време на парламентарната работа во знак на солидарност и поддршка на напорите на новинарската заедница да му се дозволи колегата Томислав Кежаровски да се брани од слобода.
Сепак што се однесува до судењето, постојат најави дека ќе се одвива по итна постапка.
Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, за „Утрински весник“ изјавил дека имајќи ги предвид сите случувања изминативе денови и штрајкот со глад на новинарот Кежаровски, судењето ќе почне во многу скоро време и нема да се чека до септември:
-Судењето ќе почне летово по итна постапка и на него ќе бидат презентирани сите докази од обвинението кои беа поднесени деновиве, вели Панчевски.
Кежаровски беше приведен пред повеќе од два месеци и се наоѓа во притвор поради текст објавен пред пет години, за обвинение декаго разоткрил идентитетот на заштитниот сведок во случајот со платеното убиство во велешкото село Ореше.
Според првиот човек на Кривичниот суд, станува збор за тешко кривично дело за кое е предвидена казна од минимум 4 години затвор.
Кежаровски е првиот новинар да биде притворен и да одговара за откривање идентитет на заштитен сведок. И покрај апелите на меѓународните и домашните медиумски организации и оние за човекови права, Кежаровски да биде пуштен во домашен притвор, засега таков епилог не се најавува од Судот.
Фото: Плусинфо