Од сите манипулации од страна на ВМРО-ДПМНЕ околу работата на комисијата за 24 декември јасно е едно – дека власта сака да ја избегне одговорноста за инцидентите во Собранието, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски.
Според СДСМ, партијата направила се, покажала политичка волја, испочитувала се од мартовскиот договор, се вратила во Собранието, предложила свои кандидати во Комисијата кои активно учествувале во нејзината работа.
– Да требало Комисијата да работи без претседател таа ќе почнеше со работа уште на 16 март, а не на 11 јуни кога беше постигнат договор за претседателот на Комисијата, истакна Спасовски.
Партијата бара од власта да не се занимава со наоѓање алиби, туку да го испочитува договорот од 1 март, направен во присуство на дипломатите од Брисел кои го следат целиот случај.
– Вистинскиот демант власта го доби од Брисел, директно од комесарот Филе, кој на министрите Бесими и Поповски им порача дека Анкетната комисија треба да продолжи со својата работа за да усвои наоди и препораки. Значи Комисијата мора да констатира што се случило и дали одредбите на Уставот и законите се прекршени, вели генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски.