Женски деца се абортираат во Македонија, иако можеби не толку масовно како порано, но оваа појава е присутна во државата тврдат за НОВА гинеколози кои се добро упатени во оваа проблематика. Селективните абортуси се прават во приватни ординации и болници, а во медицинските досиеа стои дека причина за абортусот се аномалии кај детето или пак социјалниот фактор.
Нашите извори велат дека ова го прават најмногу жени од западниот дел од државата, од семејства со ниско интелектуално ниво, каде раѓањето на машко дете е длабоко вкоренето во традицијата.
Со ова нашите соговорници, ја потврдуваат тезата на Комесарот за човекови права Нилс Муижниекс, кој пред неколку дена предупреди дека селективни абортуси на женски деца се прават во Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија, како и во Ерменија, Азербејџан и Грузија, и посочи дека овој вид на абортуси треба да се забрани.
– Оваа дискриминаторска пракса произлегува од загрозената позиција на жените во општеството. Мора енергично да се бориме против оваа дискриминација и законски да ја забраниме, изјави Муижниекс. Тој ги предупреди земјите каде што се применува овој вид на дискриминација да се навратат на документите на Комитетот на ООН за елиминирање на дискриминацијата, како и оние на Комитетот на министрите на Советот на Европа со кои се забранува пренаталната селекција на полот.
Селективните абортуси, разработена шема
НОВА се обиде да истражи дали ситуацијата во Македонија е навистина таква како што се прикажува, бидејќи надлежните институции ова никогаш не го поставиле како проблем. Токму поради страв сите наши соговорници инсистираа да останат анонимни и заштитени.
– Станува збор за добро разработена шема која функционира на релација Дебар, Тетово, Скопје. Прво се прави хорио –синтеза , еден вид на биопсија со кој се утврдуваат хромозомите и полот на на детето која може да се изведе во сите приватни здравствени установи во 7-ма, 8-ма или 9-та недела од бременоста. Доколку се покаже дека бебето е женско, се врши абортус во Скопје, но со друга работна дијагноза бидејќи ова е забрането да се прави објаснува за НОВА гинеколог кој има ординација во западниот дел на Македонија.
Тој вели дека во неговата ординација доаѓаат брачни парови кои прашуваат дали може да дознаат кој е полот на бебето дали е женско или машко. Обично се правдаат дека им е трето или четврто дете во семејството , но вели дека ваквите случаи ги одбива. Тој потенцира дека оваа метода со себе носи и голем ризик од спонтан абортус.
– Пред неколку години, еден брачен пар во желбата да го дознаат полот на двете близначиња, од кои едното беше машко, а второто женско ги изгубија и двете бидејќи жената имаше спонтан абортус провоциран токму од овој вид на биопсија, вели гинекологот.
Лекарите велат дека целата процедура заедно со биопсијата која се прави во рана бременост и со која се утврдува полот на бебето чини од 300 до 400 евра и лесно достапна на сите. Објаснување побаравме и во Македонското лекарското друштво.
– Оваа појава порано беше присутна на овие простори и се вршеше на Клиниката за гинекологија, сега е забрането. Најчеста причина за оправдување за ваквиот чин беа разни аномалии, болест или неможноста да се одгледува детето поради сиромаштија, раскажува за НОВА доктор Глигор Димитров, гинеколог и генерален секретар во МЛД.
Димитров вели дека во приватната болница каде што сега работи абортус се прави исклучиво до 10-та недела, но немаат барања од семејства кои сакаат да се изврши абортус ако бебето е женско.
-Имавме ситуации кога на Ин витро доаѓаа брачни парови и бараа бебето да биде машко, 2-3 такви случаи имаме испратено надвор од државата каде што се прави тоа, вели Димитров.
Нашите соговорници се согласуваат дека поради тоа што младите се повеќе се школуваат и завршуваат високо образование, во овој регион од државата се намалува и оваа појава, но факт е дека се уште е присутна, а тоа мора да спречи.
Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупно 23. 568 родени деца, минатата година половина или околу 51,9 отсто се машки, односно на 100 живородени женски деца, 108 се машки. Во јавните здравствени установи негираат дека селективни абортуси се прават кај нив, но не ја исклучуваат можноста дека е можно да се прават во некои приватни ординации.
Црна Гора го вклучи алармот
За разлика од Македонија во Црна гора веќе алармот е вклучен. Во оваа земја на 100 живородени девојчиња има 109 момчиња, што се оценува како алармантно бидејќи разликата треба да биде 106 со 100. Се останато е последици на современата медицинска генетика во немедицински цели велат црногорските стручњаци.
– Овој податок не можат да го објаснат ниту струката ниту науката, вели Оливера Мијатовиќ членка на Комитетот за биоетика на Советот на Европа.
Во Министерството за здравство оваа земја потврдуваат дека поради забраната од 2009-та година за ваков вид на абортуси, жените одат да ги абортираат женските деца надвор од границата на земјата.
– Министерството прави често контроли во приватните ординации но не сме нашле никаква злоупотреба досега. Ние имаме само четири здравствени инспектори кои не се во можност да пристигнат секаде, тврди Менсуд Грбовиќ, помошник на министерот за здравство.
Во Државниот санитарен и здравствен инспекторат во Македонија пак, велат дека контроли за ваков вид на селективен абортус воопшто не прават, дури и не слушнале за такво нешто.
– Имаме индиции за нелагални абортуси, но тие е многу тешко да се откријат. За селективни абортуси немаме сознанија, ниту правиме контроли, но доколку воопшто постојат тоа е многу морбидно, изјави Џевџет Шакири директор на ДСЗИ.