Владата одлучи да ги ограничи маржите во трговијата на мало на 10 проценти и за исто толку проценти во трговијата на големо. Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април. Ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна.
Портпаролката на Владата Марија Митева на прес-конференција рече дека ваквата одлука е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажува дека кај трговците на мало утврдено е дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи ии над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибуртери утврдени се повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.
Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и за 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи, рече Митева.