Министерката за правда Рената Дескоска по денешната рунда на разговори за Законот за ЈО изјави дека немало суштествен напредок.
– Имавме денеска една рунда разговори. За жал немаше суштествен некаков напредок, заклучок, па би рекла немаше ни суштински разговори – рече министерката Дескоска.
Министерката имала чувство дека опозицијата била индиферентна во разговорите и немала желба да се вклучи во суштински разговор.
– Носењето на законот е се уште неизвесно, заради тоа што не можеа да се затворат ниту прашања за трансферот на луѓе кои што би останале од СЈО, вработените, јавните обвинители…
Се надевам дека емоциите ќе слегнат овие три дена за празникот и ќе можеме да разговараме суштински од вторник. Ние остануваме посветени на носење на Закон за ЈО, без оглед што тоа сега не изгледа толку ургентно како што беше пред една недела или две, со оглед на тоа што некои работи почнаа природно да се решаваат и да се случуваат. Сепак сметаме дека е добро да се донесе нов Закон за Јавно обвинителство – изјави Дескоска.
Следниот состанок не е закажан кога ќе се случи, но ќе има нова средба.