Кога премиерот Груевски (да не се лажеме, тоа е се уште, како што е и претседател на партијата, на државата, на ДИК, на Уставниот суд, на сите куќни совети и каде и што уште не. Mислам дека неколку пати веќе ова го имам напишано, но да се повторува тоа, зарем не е величенствено?)- значи, кога премиерот Груевски вели дека на изборите гласаат луѓе а не адреси, ме потсетува на цинизмот на теологот Алберт Швајцер (преземен цитат од рускиот новинар Виктор Шендерович):
“Редовните одења во црква, нема да ве направат Христијанин, како што ни честите одења во гаражата нема да ве направат автомобил”.
По аналогија на нештата, така и Груевски мисли дека редовните одења на луѓето на избори, ќе направат некого гласач, како што и со редовните фалсификувања на избори може да прогласуваме победи за него. И иронијата да биде поголема, ние целата таа пародија, таа невина и наивна прошетка на граѓаните до гласачките места и назад ја прогласуваме за избори, ОБСЕ, ОДИХР и МОСТ набљудуваат, читаме резултати, славиме, страдаме.
Ако Груевски ја отвори страницата на ДИК со избирачките листи, ќе го пречека неговата пирова победа, но сега тој нека не лелека, нека ја проучи внимателно историјата на тие луѓе и нека ги запамети.
За почеток, за него се исправиле на готовс спремна чета гласачи од Пустец, фина, тивка господа која не би се изненадила ако добила и катастарска тапија дека живее во нашите станови и дека одамна сме им потстанари а киријата ја плаќаме низ годиниве преку власта на Груевски.
Потоа, илјадници мртви души, одамна закопани, па за изборите набрзина откопани покојници, облечени прикладно за свечениот настан како да се снима “Маратонците го трчаа почесниот круг”, па пак вратени во ковчегот, задолжително сосе душата која спокојот го наоѓа само ако победи Груевски, инаку Бутел би ечел од офкањето на непобедливиот.
Тука се и непознатите лица во становите со кои секојдневно се судираме и си викаме пардон, за да ја задоволиме земјата Апсурдистан. Вака отприлика тече дијалогот пред и после изборите во тој наш Апсурдистан:
Сакате тука, тука или тука да го заокружите Груевски?
Или ако ви е пренапорно, Груевски ќе се заокружи за вас.
Заев? Шеќеринска? Ако ги барате нив низ изборниве листови, запишани се како Груевски. Во печатниците кои се користат во Македонија исфрлени се од употреба останатите опции за букви.
Седнете, одморете, но немојте на столчињава, тие се резервирани за Груевски. Ви се слоши, го видовте името на покојниот татко на изборната листа? Ах, извинете, требаше да биде таму запишан Груевски. Би ви дале чаша вода и шеќер после вашиот шок, но ги чуваме за Груевски. Ова се тешки години за него, мора, приморан е насекаде да победува.
Не сте го смениле се уште презимето во Груевски? Се коцкате со кривично дело, но за среќа исправките и тука ги правиме. Затоа што, за да не си го губиме времето, направивме од секоја институција полициска станица. Погодете кое име го носат тие?
Имате стан а не е на името на Груевски? Водете сметка, затоа што сметката друг ви ја прави, вие само ги следите упатствата за употреба на вашиот живот.
Дури и адресата ви се води на друго име, а не на Груевски? Мора да се шалите со тој ваш Борка Талевски, тој е одамна отпишан, како што е се избришано пред ерата на Груевски.
Не ви треба меморија за да го запамтите единствениот матичен број, само напишете го името на Груевски, знаеме дека сте вие.
Ооо, па нема потреба да ми објаснувате дека сте Македонец. Доволно е само да сте Груевски.
Велите дека живееме во Македонија? Во графата само има место за следнава азбука и само таа е дозволена:
Г-р-у-е-в-с-к-и.
Ајде сега одете дома, кај децата и кај сопругата и не заборавајте дека дури и дома треба да се обраќате едни на други со Груевски.
Обратете внимание на соседите. Секој од нив е Груевски, но понекогаш се забораваат. Стари комуњари, но среќа, тоа време помина.
Го очекуваме вашиот неделен рапорт за однесувањето на целото маало, а за тоа време вежбајте, за наутро да ечи државава со химната за Груевски. Тој лично во секој дом ќе ја пресече црвената лента за да заори песната за него. Идеме сите заедно: јен-два-три-јен-два-јен-два…
Фото: Преземено од мкд.мк