Вашингтон: Бројот на деца со прекумерна тежина во Соединетите Американски Држави нагло порасна во последните години, а највисоки стапки се забележани кај адолесцентите и децата од афроамериканско потекло.
Ова го покажа истражување чии автори се професори од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего.
Според истражувањето објавено во медицинското списание Jama (Jama Network Open), во 2023 година околу 23 отсто од сите деца биле дебели, во споредба со 19 проценти во 2008 година, пренесе Блумберг.
Повеќе од еден процент од децата на возраст меѓу две и 18 години имале „исклучително тешка дебелина“.
Авторот на студијата, Филип Хартман, рече дека се надева оти резултатите ќе доведат до повеќе испитувања кои ќе ги тестираат придобивките од лековите за слабеење наречени GLP-1, кај деца и адолесценти со тешка дебелина.
– Можеби би било разумно кај тие пациенти лековите за слабеење да се даваат многу рано, рече Хартман.
Резултатите за прекумерната дебелина се засновани на информации од повеќе од 25.000 деца собрани во рамките на Националното истражување за здравје и исхрана, со кое управуваат Центрите за контрола и превенција на болести и американскиот Национален центар за здравствена статистика.