Повеќе од 50 македонски интернет медиуми одлучија да ги напуштат агрегаторите на вести, како „Тајм.мк“ откако вчера на средба зазедоа заеднички став дека добиените известувања и предлог договори од страна на агрегаторите, за преземање содржини без надомест, се неприфатливи. Потписниците на овој став и тие што подоцна се придружија бараат да бидат отстранети од агрегирање од денеска, 21. мај.
Бројот на интернет медиумите кои се придружуваат кон оваа одлука расте и денеска, така што во моментов повеќе од 50 портали бараат доследно почитување на Законот за измени и дополнувања на Законот за авторски и сродни права, кој ги обврзува агрегаторите да склучат договори со интернет медиуми за агрегирање содржини со надомест.