Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Секс-скандалите на Нашите и Вашите

0
By Биљана Секуловска on October 3, 2015 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Катастрофата никогаш не доаѓа без покана. Појавата на миленковци, јанковци, латасовци и други слични буреци, го отвори најсрдечно и великодушно она добредојде за најбрзиот пат кој води кон бездната- за официјализирање на крвавиот пир помеѓу Нашите и Вашите.

Заглупувањето, затупувањето на народот за да се омлитави до парализирање беа најавени одамна, има веќе многу, се чинат векови, иако се години жалосни, поминати не само залудно, туку и тажно потрошени години како најава за опасност за која малкумина беа свесни.

Мизерни години на сите оние петпарачки и примитивни, во секоја смисла евтини индиски и турски серии, особено кога почнаа да го синхронизираат секое офкање, лелекање и јадосување на голем дел од неталентираните македонски глумци и глумици.

Како поминуваа годините, квантитетот на офкање одеше паралелно со капитализирање на лојалноста кон Партијата, само така можеше да се смета на затрупување со свежи износи на банкарските сметки. Партиските книшки на ВМРО-ДПМНЕ станаа основен двигател и најдобра причина кој од глумците најмногу ќе пишти како најревносна нарикача на погреби низ македонските домови.

Се разбира дека свирепиот план за моронизација на еден народ оди рака под рака со раширување на маса на “Планот за сеење на црното семе”, она на омразата, најава од Генералштабот на таткото, кој не сака да види преживеани од т.н Нивните.

Безочен план за сотирање на сите од црната листа на неподобните, традиционално омразени интелектуалци. Можеби наредбата за егзекуција е потпишана со невешт инфантилен ракопис, но трагот кој се остава со притискање на пенкалото, говори за одлучноста да се докрајчи и последниот непријателски остаток, макар значела и смртна пресуда или расчистување приближно кон тоа. Конечно, дебилизацијата на еден народ изведуван преку така милата за сите диктатори пропаганда, е мајката на сите крвави војни.

Демонизацијата на оние оние кои ги нарекуваа Вашите, со кои требаше власта да се пресметува деноноќно, критичарите и неистомислениците на груевизмот, беше прва и основна задача на буреците.

Миленко Неделковски лепеше и фала на прашањето, се уште лепи слики по таблоата, слики на со црвен фломастер заокружените непријатели на Груевски и неговите покорни следбеници, денеска само свиснати и овенати функционери, чии црни подочњаци со филмска брзина се шират со секое ново и ново штиклирање на точките од Договорот во Пржино.

Затоа, откако грижливо е врзана машничката на црвената лента и ножицата е наострена, за свечено да се отвори во употреба тој пат на хајки и линч на секој кој се осмелил да го погледне попреку Груевски, воопшто не изненадува оваа нова етапа на пресметки.

Што би било најбескрупулозно, ако не отворање секс-скандали на политичари, новинари, интелектуалци?

Нашите за Вашите, Вашите за Нашите, двете банди распукуваат со податоци, факти, лаги и манипулации, но што е тоа воопшто важно, каква разлика прави дали е тенка или непремостлива линијата помеѓу безочната лага и неприкосновената вистина? Заглибени сме одамна во сотирањето, сега претстои само мала сочна забава, еден вид најава на рекламите пред да настапи на сцена тенковската дивизија со која се пука од најдебелиот топ, додека во позадина оди блуткаво веселата симфонија на ступидноста.

Поминаа години, но кој заборава? Беше време на братоубиствени војни, и хрватската машинерија го стави во употреба Јура Стублиќ за да им објасни на сите Срби и останати омразени народи- како се завршува oткако разулавените лидери ќе дадат наредба за истребување. Песната се вика “Е, мој друже београдски”, ужасна песна во која се слави неминовноста од убивање на српскиот брат, песна која значеше повик на засегнататата страна да пристапи кон поголем и еднакво фатален удар.

Кој најдобро би реализирал ваква наредба, не се сомневам дека била слатка и страшно привлечна, ако не Бора Чорба? Неговата “Е, мој друже загребачки”, подеднакво ужасна песна во која низ кикот говори за убивањето на хрватскиот брат, раздрагано пее дека точка мора да им се стави на сите загребачки браќа, што да се прави, слегнува со рамениците, тоа е пресудата.

Така се почнува, затоа што не знаеја поинаку да се справат со, низ кркорење од смеа, најава на плачот и денот кога тој им ги уништи животите.

Промоторите на хушкањето на Нашите и Вашите во Македонија, силно импресионирани од Стублиќ и Чорба, безгрижно, но со фуриозен бес со години ги свират нотите на “За дом спремни” и “За краља и отаџбину”.

Во вакви денови на медиумско лудило, новинарската фела мора паралелно да работи и на друг договор, освен на оној од Пржино. Реформата на јавниот сервис МТВ не смее да биде единствена задача за нас новинарите. Затоа што, јалов ќе биде плачот кој допрва ќе ни претстои, ако не ги закопаме засекогаш омразата и животинскиот порив да бидат заштитени Вашите и Нашите преку операција која се изведува со закрвавени очи и пена во устата, од отровот кој веќе Стублиќ и Чорба и нивната хушкачка армија го исплукаа.

Сега македонскиве бранители на Нашите и Вашите ги собираат остатоците од блуениците
(кај бившите Ју-републики не се со остатоци од крв, туку се експлицитни докази за масакри и геноцид) расеани низ годините на овие простори и ги промовираат како патриотска реликвија. Ако не ги спречиме веднаш, не е далеку денот кога ќе соопштиме дека сега е веќе предоцна, а за тоа ќе бидеме виновни само ние (не Ние и Вие, туку токму тоа, сите Ние) и никој друг.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Дијана Хрка одбива да се откаже од штрајкот со глад

November 12, 2025

Несреќа на брегот кај Либија: 42 мигранти се водат за исчезнати, стравувањата се дека се удавиле

November 12, 2025

Раст на просечната годишна плата во ЕУ во 2024 година за 5,2 отсто 

November 12, 2025

Њујорк тајмс: Единствениот внук на Џон Ф. Кенеди влегува во политиката

November 12, 2025

Земјотрес од 5,2 степени по Рихтер го погоди Кипар

November 12, 2025
ФОКУС

Кијив: Двајца украински министри поднесоа оставки поради корупциски скандал

ВЕСТИ November 12, 2025

Поради корупциски скандал во енергетскиот сектор, министрите за правда и енергетика на Украина поднесоа оставки…

Судењето за „Пулс“ почнува на 19 ноември – институциите бараат почит кон жртвите и фер постапка

November 12, 2025

Марш на Ангелите в сабота во Скопје  – родителите ги повикуваат скопјани овојпат масовно да им се придружат

November 11, 2025

Блокатата на „ИПАРД 3“ е удар брз земјоделството и врз репутацијата на земјата

November 10, 2025
ТИКЕР

Дијана Хрка одбива да се откаже од штрајкот со глад

November 12, 2025

Несреќа на брегот кај Либија: 42 мигранти се водат за исчезнати, стравувањата се дека се удавиле

November 12, 2025

Раст на просечната годишна плата во ЕУ во 2024 година за 5,2 отсто 

November 12, 2025

Њујорк тајмс: Единствениот внук на Џон Ф. Кенеди влегува во политиката

November 12, 2025

Земјотрес од 5,2 степени по Рихтер го погоди Кипар

November 12, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.