Бугарските барања за кревање на ветото за Македонија да почне преговори за членство во Европската Унија (ЕУ) се неаргументирани и неприфатливи за Македонија, вели Имер Селмани, поранешен пратеник и вицепремиер, во вечерашното гостување во „24 анализа“ на ТВ 24.
„И да има разумен предлог за двете земји, Франција знае дека тоа нема да мине кај нас. Можеби може да се отвори Уставот и да се вметнат Бугарите во него, но и тоа е прашање“, истакна Селмани.
Според него, времето не работи во полза на изнаоѓање на решение за македонско-бугарскиот спор што би било прифатливо за двете земји, меѓутоа и за Европската Унија.
Тој се осврна и на актуените случувања на политичката сцена во Бугарија, каде се прекројуваат силите во Собранието во обид да се обезбеди мнозинство, по напуштање на владеачката коалиција на „Има таков народ“ на Слави Трифонов.
„Последните случувања во Бугарија потврдија дека тамошната влада нема поддршка и во такви околности, нејзината иднина е крајно неизвесна. Власта и опозиција моментно се борат за мнозинство во парламентот“, смета Селмани.