После неколку месеци тензични релации помеѓу Северна и Јужна Кореја, двете земји прелиминарно се договорија да одржат разговори за повторно отворање на заедничката производна зона каде Пјонгјанг ја стопира активноста во април.
Предлогот за разговорот околу индустриската зона Кесонг – меѓународен симбол за соработка на двете земји, доаѓа од страна на Северот.
Според јужнокорејскиот министер за обединување Рио Кил-јае, датумот за состанокот би требало да биде 12 јуни.
„Гледаме позитивно на тоа што Северна Кореја го прифати предлогот за разговори меѓу властите на двете земји, кој нашата влада упорно го предлагаше“, изјави Кил-јае.
Како што тензиите се вжештуваа на Корејскиот полуостров во април, режимот на Ким Јонг Ун почна да ги блокира работниците од Јужна Кореја да влезат во зоната Кесонг, кој се наоѓа на северната страна на строго обезбедуваната граница.