Длабоко вкоренетите историски, културни и човечки врски на нашите народи ги прават нашите односи исклучителни. Нашите односи, базирани на цврсти основи, продолжуваат да се развиваат во сите области, е заедничкaта оценка на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Турција, Бујар Османи и Мевлит Чавушоглу по повод 30-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји.
„Зајакнување на меѓусебната соработка со разбирање што води кон стабилност, просперитет и напредок на Балканот. Во наредниот период ќе продолжиме да придонесуваме за развој на регионалната соработка во областите како што се трговија, инвестиции, енергетика, транспорт, култура и образование. Како сојузници во НАТО, ќе ги зајакнеме нашите заеднички напори за соочување со предизвиците на регионалната и меѓународната безбедност. Ќе дејствуваме во солидарност против сите форми на тероризам. Одлучни сме да ги зајакнеме сегашните одлични односи помеѓу Северна Македонија и Турција и да им донесеме нова димензија, да ги унапредуваме за доброто на нашите два народи и нашите партнери“, се вели во постот на македонското МНР на Фејсбук.
Заедницата на Турци, се додава во постот, е еден од народите основачи на Северна Македонија и луѓето во Турција кои имаат корени од Северна Македонија, создаваат уникатен мост на пријателство и соработка.
„Ќе продолжиме да ги користиме предностите обезбедени преку нашите заеднички проекти во различни области и високо го цениме придонесот на граѓаните на Северна Македонија и Турција кои живеат во Турција, односно Северна Македонија, во развојот на билатералните односи. Гледаме заедничка иднина на нашите земји и на Регионот во Европската Унија“, е еден од заедничките заклучоци на двете страни.