Струмица, Охрид, Ресен, Градско, Битола беа само дел од градовите каде денеска се одржаа протести на Шарената револуција.
Во Битола протестот како и досега започна на плоштадот Магнолија, по што протестниот марш продолжи пред зградата на општината. Учесниците на протестот во знак на сеќавање на Мартин Нешковски рецитираа поезија од Славко Јаневски.
Во Охрид неколку стотици граѓани присуствуваа на протестот што се одржува во рамки на платформата Протестирам. Тие се собраа на плоштадот кај „Чинарот“, по што преку чаршијата се упатија до Централниот плоштад „Свети Климент Охридски“. Од плоштадот, групата граѓани се упати пред зградата на Основниот суд каде со пароли, скандирање и свирежи се упатуваа повици за правда. Денешниот протест во Охрид беше и поддршка на протестот во Скопје од кој се побара правда за убиството на Мартин Нешковски.
И во Битола и во Охрид паралелно се одржаа и контрапротести на здружението ГДОМ.
На протестот на Шарената револуција во Струмица присуствувале околу 2.500 демонстранти.
Протести денеска се одржаа и во Ресен и во Градско.
ФОТО: Социјални мрежи






