„Од плашливиот човек кој „храбро“ нареди кршење на Устав и Деловник, бркање на опозициските пратеници и тепање жени, не ни очекував ништо повеќе од приземна политичка култура, плукање и лажење“, реагираше денеска Радмила Шеќеринска од СДСМ, откако спикерот Вељаноски рече дека на испуканиот политички ќор фишек, Шеќеринска, не и е првпат неволно врвот на СДСМ да ја расшетува пред институциите.
Здружената опозиција денеска пред зградата на Јавното обвинителство, во знак на револт по одбивањето на кривичната пријава против Вељаноски, одржа протест на кој зборуваше Радмила Шеќеринска.
Таа истакна дека Обвинителството уште еднаш покажа дека во Македонија институциите систематски се рушат и се ставаат во функција на партиски цели.
На што следуваше реакција од спикерот Вељаноски по што Шеќеринска возврати:
„Кога Вељаноски не го крши Уставот и не ги навредува противниците, тогаш сигурно е на подолго туристичко патување на државна сметка, со или без сопругата“.
„Ако веќе ги коментираме делата и резултатите, едно е неспорно: додека јас како „ќорфишек„ според зборовите на Трајко, со мојата работа успеав да ја доведам Македонија до кандидатски статус во ЕУ, тој и неговите шефови веќе 7 години ја возат и држат во ќорсокак државата. Тоа, освен срамот од 24 декември, ќе биде единствен белег што го остави големиот Трајко“, вели Шеќеринска.