Во Тајланд, каде што веќе неколку дена има анти-владини протести, пратениците во Парламентот изгласаа доверба за премиерката Јинглук Шинаватра. Демонстрантите веќе неколку дена бараа оставка од неа под образложение дека целата Влада е под контрола на нејзиниот брат, поранешниот премиер Таксин Шинавтра.
Во Долниот дом на Парламентот, за доверба во нејзината работа гласаа 297 пратеници од вкупно 492.
Во меѓувреме, Јинглук Шинаватра ги повика граѓаните да го прекинат протестот пред Министерството за финансии во главниот град Бангкок.
„Сакаат да протестираат до крајот на месецот, но мислам дека доволно ги искажаа своите политички ставови“, изјави Шинаватра по гласањето.
Протестите траат веќе неколку недели, а во неделаата низ улиците на Бангкок излегоа повеќе од 150 000 демонстранти. Тоа беа најголемите демонстрации од кога Јинглук е на власт.
Поранешниот премиер, Сутеп Тогсубан е предводник на протестите, кој потенцираше дека демонстрантите нема да прекинат додека таа не поднесе оставка.