„Каде си бе, Бугарин? Ајде да си одиш од Клиниката за хематологија!“ Со овие зборови на 26-годишниот Иван Стојков од Кавадарци, кој имал акутна леукемија, му се обратила директорката Лидија Чевревска тврди неговиот татко Трајче. Иван починал во болницата во Софија, пред да му биде пресадена коскена срцевина.
Иван имал поднесено барање за бугарски пасош, но терапијата пред да му биде извршена трансплантација требало да ја прима на хематологија.
-Почина во туѓа земја, избркан од Клиниката за хематологија. Кога се вративме во болницата во Софија ни беше срам да кажеме дека е избркан и лажевме дека во Македонија нема лекови, вели татко му Трајче.
Директорката Чевревска го отфрла обвинувањето и тврди дека такво нешто никогаш не кажала така.
-Пациент од Клиниката никогаш не бил избркан, доколку некој сака да се лекува во странство тоа е негово право, изјави за НОВА Чевревска.
НОВА ја пренесува шокантната приказна на кавадарчанецот Стојков Трајче во целост.