Признавање на уставното име, почитување на одлуката од Хаг и деблокирање на евроатлантските инеграции, се решение на спорот за името, смета поранешниот германски амбасадор во Македонија, Клаус Шрамајер.
– Расправијата околу името меѓу Македонија и Грција која трае повеќе од дваесет години стана толку сериозна, а практично е непотребна и апсурдна! Колку повеќе се занимавам со Балканот, толку повеќе сум убеден дека е ирационалност и психо-патолошки проблем на Грција, кој тешко може да им се објасни на западните земји.
– Кога веќе дискутираме за името на Македонија, во оваа прилика Грција би можел да ја наречам Поранешна османлиска провинција Хелас, истакна Шрамајер на синоќешното предавање „Грчко-македонскиот спор за името 1991-2013“ на Унивезритетот во Лајпциг.
Битката која Македонија ја води за сопственото име Шрајмаер сликовито ја опиша со зборовите „Давид против сиот свет“, пренесува Дојче веле.
Смета дека Македонија направи многу, а доби малку, и оти е е осамена во борбата за името.
– Скопје ги исполни сите барања на Грција од 1992, а не доби ништо освен илегалното име ФИРОМ. Тоа значи имаше небериќетна работа: Мина низ ембарго, го смени Уставот, го смени и членот 49 дека нема да се меша во внатрешните работи на соседот, го смени и знамето.
Аргумент на Грција беше дека земјата има милитарни агресивни афинитети, иако во 1992 и Бадинтер кажа дека името само по себе не е агресија“, објасни Шрамајер осврнувајќи се и на како кажа „перфидниот обид на Грција во 1991 да организира конференција за судбината на Македонија без нејзино учество, но со Србија и Бугарија, која за среќа пропадна, вели поранешниот германски амбасадор во Скопје.
Во анализата за однесувањето на Грција во изминативе две децении беше истакнато дека 130 земји веќе ја признале Македонија со нејзиното уставно име, што значи дека со блокадите Атина си штети самата себеси, и’ штети на водечката ролја која би можела да ја има на Балканот, со што би придонела во јакнењето на стабилноста на регионот.
„Има ли сили во Скопје и Атина кои сакаат да го спречат членството на земјата во ЕУ? Стои ли можеби мафијата зад блокадите?“, е новата теза која како причина за нерешавање на спорот ја пласираше поранешниот амбасадо. Тој смета дека со членството на Бугарија во ЕУ контролата на овој простор од страна на мафијата е стеснет.
– Не разбирам зошто ЕУ, европските партнери, САД, сево ова го дозволија – одлучија да бидат против суверената земја, која има право да си го избере името. Ова е феномен на нашето време!
Д-р Клаус Шрамајер изнесе свои предлози за решението на спорот со името.
– Мора да се признае уставното име на Република Македонија. Правната порака е јасна: Атина да ја респектира пресудата од Хаг и да не го блокира НАТО и ЕУ членството“, порача поранешниот амбасадор. Според него сигурно е дека сите учесници еден ден ќе се чудат поради каква баналност биле раскарани. Но, за жал обичните луѓе, повеќе од политичарите, страдаат поради спорот со името, заклучи д-р Клаус Шрамајер во освртот за грчко-македонскиот спор околу името (1991 – 2013) пред научната публика на Универзитетот во Лајпциг.