Освен ефектот кој глобалната Ковид-19 криза ја има на општото физичко здравје веќе е јасно дека овој нов вид на социјално организирање е голем предизвик и за менталното здравје на луѓето, особено кај младите. Заради фактот што Корона вирусот се шири во воздухот од страна на заразено лице владите низ светот продолжуваат да препорачуваат мерки за социјално дистанцирање и избегнување на собирање на повеќе луѓе во затворени простории. Секако, поради овој факт беа затворени различни објекти и институции за време на тековната Ковид криза, меѓу кои и основните и средните училишта и универзитетите – места каде што младите луѓе се образоваат, но и каде што се социјализираат. Какви се последиците кај менталното здравје кај младите луѓе во ова долга социо-економска и здравствена криза, особено откога скоро целото образование премина на интернет?
Британските психијатрите предупредуваат дека Англија се соочува со „криза на менталното здравје“ која е особено акутна кај младите луѓе под 18 години која може да ги преплави здравтвените капацитети во Англија. Според денешен напис на The Guardian, деца и возрасни луѓе побарале помош од NHS (Национална Здравствена Служба во В. Британија) за психолошки проблеми како анкциозност, депресија и растројства во исхраната во рекордни бројки.
Според истражување на Royal College of Psychiatrists, во 2020тата година помеѓу месеците Април и Декември биле упатени 372.438 лица под 18 години за да добијат помош околу нивното ментално здравје. Ова е рекордна бројка и е за 28% повисока од бројот на пациенти кои побарале ваква помош во истиот период во 2019 година. Исто така се зголемил бројот за 20% повеќе на деца и млади на кои им била потребна итна помош заради криза со менталното здравје.
Уште во раните месеци на Корона кризата, авторот и професорот по психологија Ендру Соломон алармираше за менталното здравје кај младите во интервју за Democracy Now! Во ова интервју од мај, 2020тата година, проф. Соломон зборуваше за разликите помеѓу пријателствата на возрасните луѓе и пријателствата на помладите луѓе, особено децата. Според Соломон, пријателствата на возрасните главно се базираат на вербална комуникација. Односно Соломон зборува за како приметил дека на нему и на неговиот сопруг не им било премногу тешко да ги одржат своите пријателства за време на карантинот бидејќи тие имаат пристап до онлајн алатки, како Зум, преку кои можеле да комуницираат со своите пријатели. Но за разлика од нив, ваквото одржување на пријателства не било возможно на ист начин за нивниот 11-годишен син.
„Детските пријателства се во базираат на правење работи заедно. И така, децата на кои им е одземена можноста да прават работи заедно, немаат толку многу да си кажат кога ќе се јават еден на друг, и така, нивните пријателства и самите губат дел од својата ткаенина и материја,“ кажа Соломон. „На децата им недостасуваат не само некои од образовните можности на училиштето, туку и социјалниот елемент кои го добиваат таму. И мислам дека ако го правиме ова една година, а мојот син, кој имаше 10 години кога започнавме, ќе заврши скоро 12 до моментот кога ќе завршиме, се прашувам кои се начините на развој кои тој ќе ги пропушти?“
Како што се ближиме до скоро една година по интервјуто на Соломон, прашање е колку години ќе има неговиот син кога ќе заврши оваа криза и каков ефект истата ќе има врз него и други деца на негова возраст.
Во С.Македонија за сега нема официјални статистики со застрашувачки рекордни бројки околу менталното здравје кај младите или кај општата популација. Прашање е колку луѓе всушност во нашата држава посегнуваат по услугите поврзани со нивното ментално здравје кога овој вид на здравствена нега е сѐ уште табу тема во нашето општество. Иако ова табу е сѐ уште доста присутно во нашата држава, на граѓани на кои им е потребна психолошка поддршка можат да најдат корисни информации на веб страната на Министерството за здравство или на веб страната на Златна Книга (некои од психолозите и психијатрите се плаќаат приватно). Психолошки услуги за ранливи групи се исто така достапни преку НВО секторот: пред само неколку недели се отвори Скопскиот Квир Центар, место каде што ЛГБТи луѓето може да добијат бесплатна психо-социјална поддршка од страна на психолози кои се сензибилизирани за работа со квир луѓе.
Секако за да вистински да се справиме со психолошките проблеми настанати од Ковид кризата исто така мора и да се справиме со самиот Корона вирус. Нервопсихијатарот Д-р Чепреганов смета дека само со вакцинација ќе се победи пандемијата.
„Постојат личен профил, профил на нација и т.н. планетарна совет. Три екологии ја потресуваат земјата. Ние во моментов сме во трета светска биолошка војна. Пандемијата е стресна состојба во три смисли – животозагрозени сме, има промени кои настапуваат на психички план и појавата на психосоматски болести. Секоја хронична стресогена состојба прави дисбаланс на организмот. Во иднина ќе имаме реперкусии големи. Планетарната совест е изместена, пореметена секаде и реперкусиите се неминовност. Нема друг лек и бенефит против оваа чума освен вакцинација. Во мојата 64-годишна пракса не сум сретнал лек кој нема секундарни појави. Секој лек мора да има сајд ефект, но тоа се многу мали работи во однос на вакцинацијата. Луѓето се плашат затоа што бизнис-политиката владее,“ изјави Д-р Чепреганов.
Елена Гаговска