Шведската министерка за надворешни работи, Маргот Валстром, денеска од Стокхолм изрази силна и недвосмислена поддршка за активностите на новата македонска Влада за брзо ревитализирање на европската перспектива на Македонија и увери дека Шведска е искрено заинтересирана за зголемување на конкретната помош во области што се најкорисни за нашата реформска агенда.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска престојуваше во официјална посета на Кралството Шведска. Негов домаќин беше министерката Валстром.
https://www.youtube.com/watch?v=6Dy7jVI_gJw
На средбата министерот Димитров ја потенцирал цврстата определба на реформската Влада за враќање на земјата на патот на европските интеграции, трасиран преку реални и темелни реформи во областите од суштинска важност и спроведување на политика на отворен дијалог со сите свои соседи, базирана на европските вредности и принципи.
– Враќање на влијанието и поддршката од нашите европски пријатели е клучна во таа смисла – истакнал Димитров на средбата.
Средбата на двајцата министри, резултираше со усвојување на Декларација за соработка меѓу Република Македонија и Кралството Шведска (LINK), со која што се потврдува поддршката за нашите стратешки цели и се утврдуваат полињата од заемен интерес за градење на понатамошна поконкретна соработка.
– Нè охрабрува фактот што Шведска го препозна новиот почеток во Македонија и нѝ подава рака во овој за нас исклучително важен период – соопштуваат од МНР.
Текстот на Декларацијата кој засега е објавен само на англиски јазик, можете да го прочитате на следниот линк.
Министерката Валстром оваа есен ќе ја посети Македонија, на покана на Димитров.
Во рамки на својата посета на Стокхолм, министерот Димитров остварил средби и со првиот заменик-претседател на Парламентот на Кралството Шведска, Тобиас Билстром, со членови на парламентарната Комисија за европски прашања, како и високи претставници на Институтот SIPRI, меѓународниот центар Олаф Палме и Социјалдемократерна.
Нордиската турнеја на министерот Димитров продолжува утре со работна посета на Хелсинки, а завршува во петок со посета на Осло.


