Далекусежните способности на Украина се клучен фактор што ќе ја принуди Русија да ја заврши војната, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Колку подалеку можеме да стигнеме, толку пократка ќе биде војната. Далекусежните способности на Украина брзо се зајакнуваат. Бројот на успешни напади врз легитимни воени цели во Русија расте секоја недела, напиша тој на платформата X.
Според Сибиха, станува збор за добро пресметана, прецизна и интелигентна кампања чија цел е да ја ослабне руската воена машина и да ја принуди Москва побрзо да ја заврши војната. Како што додаде, арсеналот на Украина со долг дострел ќе служи како средство за одвраќање и гаранција против нова руска агресија, објави Укринформ.
Имаме технологија и капацитет да произведеме посилна огнена моќ, но ни требаат повеќе инвестиции за да го постигнеме ова“, рече украинскиот министер, повикувајќи ги партнерите да го зголемат својот придонес и да се здружат со Украина, како и да започнат нови заеднички проекти. Според него, тоа е двонасочна улица, бидејќи оние кои ѝ помагаат на Украина сега добиваат нови можности за сопствениот одбранбен потенцијал во иднина. Како што додаде Сибиха, војната што Русија ја започна против Украина сега ѝ се враќа.

