Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во дебатна емисија на ТВ21 вечерва рече дека ќе бидат конструктивни овој период. Тој најави консултации со албанските политички фактори во регионот за нивните идни чекори.
– Како претседател на опозициска партија би рекол дека е добро да има брзи избори, но како одговорен политичар сметам дека не треба да има избори. Не е одговорно и чесно кон граѓаните. На последните парламентарни избори граѓаните кажаа која Влада треба да ја води државата, на локалните избори граѓаните кажаа кој треба да ги води општините. Затоа велам, треба да сме одговорни и да бидеме конструктивни и кооперативни, треба да има стабилност во земјата, рече Гаши.
А, на прашањето дали сакаат да бидат дел од актуелното мнозинство, Гаши рече дека тоа треба да разговараат внатре во Алтернатива.
– Да направиме анализи. Да се консултираме со меѓународниот фактор и ќе донесеме одлука. Ако имаме силна потврда дека сме блиску до датум, тогаш немаме дилема каде треба да се ориентираме, изјави Гаши.