Апостол Симовски, директорот на Заводот за статистика, денеска рече дека Бугарија, но и други земји претходно барале формулари за поединци за да видат како се изјаснувале на одреден попис, но вели дека такви податоци не смеат да се даваат.
– Никој не може да добие формулар како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок, рече денеска Симовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Ваквиот одговор на Симовски следи откако претходно културното друштво од Битола „Ванчо Михајлов“ побара да им се даде бугарски пасош на оние македонски граѓани кои ќе се изјаснат како Бугари.
Тој рече дека досега во дијаспората се регистрирале и попишале околу 18.000 граѓани и дека бројката за него е одлична. Исто така рече дека бугарската фирма која ја изработила апликацијата не може да има пристап до базата на податоци.
– Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите, додаде Симовски.